Верувам дека 20 отсто од граѓаните не веруваат дека има вирус, но само тие што не биле на инфективна не знаат како е мачна таа атмосфера. Ве молам да ги почитуваме мерките, бидејќи само со доследно почитување на мерките можеме да испливаме од ова, апелираше претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.
„Она што се случи по олабавувањето на рестрикциите се должи на тотално непочитување на превентивните мерки, како што се носење заштитна маска, спречување на групирање на повеќе од две лица. Тоа ни се врати како бумеранг за време на празникот Рамазан Бајрам и ифтарските вечери. Бројот на заболени почна да се зголемува заради непочитување на мерките“, рече Караџовски.
Според него, вториот бран на болеста ни се појави сега и од 26 мај наваму тој број речиси се поклопува со бројот на заболени во април.
„Дојдовме до состојба кога цела Европа па и светот ги олабавуваа мерките, а тоа го направивме и ние, очекувајќи дека ќе се почитуваат мерките. Крајно сум разочаран од непочитување на тие мерки“, додаде Караџовски.
Тој објасни дека колку повеќе тестирања се вршат, толку повеќе расте бројот на заразени лица.
„Ги истестиравме сите текстилни работници, во одредени фамилии и некои алгоритми каде имавме дел од асимптоматски тестирања. Ја следиме состојбата, тоа што всушност бара СЗО од нас, а тоа е 60 -80 отсто од регистрираните случаи да ги имаме под контрола, односно да ги имаме во кластери“, рече Караџоски.
Тој, како и министерот Венко Филипче, смета дека вирулентноста на вирусот паѓа, оправдувајќи го ова тврдење со фактот што сѐ повеќе од новодијагностицираните немаат симптоми. Во својата презентација Караџовски покажа дека од 10 нови случаи, седум се асимптоматски, што покажува дека се намалува вирулентноста на вирусот.