Претседателот на судскиот совет, Зоран Караџовски, во изјава за медиумите рече дека иритира изјавата на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, дека СЈО води истраги за судии од управниот суд, пренесува Телевизија Нова.
Според него, ова е напад врз судството и е во функција на уривање на целото судство. Тој смета дека изјавите на Јанева во врска со судовите се неетички, нецивилизирани и некултурни.
„Во моето постапување како кривичен судија не ме навредил на начинот на кој што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева ги навредува сите судии во Република Македонија. Иако не го кажува името и презимето, знаеме за кои судии се работи. Ги навредува на лична основа а дури во едно интервју на телевизија оваа недела кажа дека можеби не се ни луѓе а да не се разговара ни за нивниот морал. Тоа е недозволиво“, вели Караџовски.
Претседателот на судскиот совет и забележува на Јанева и затоа што јавно открила дека се водат истраги за судии од Управниот суд.
„Тоа е конкретно напаѓање на еден суд и тоа е директно рушење на угледот на судот и на целото судство. Тоа е крајно неетичко, нецивилизирано и некултурно. Во нашата судиска и јавно обвинителска етика стои дека она што како доверлив материјал сме го добиле во работата можеме да го корситиме само во извршување на работата а не да го користиме при давање на интервјуа дека нешто знаеме за некого“,посочува тој во изјава за медиумите.