Каталонците започнаа во четвртокот да излегуваат на предвремените парламентарни избори со чиешто одржување започнува новото поглавје во најголемата политичка криза во Шпанија во последните 36 години, откако во оваа земја е воведена демократијата.
Околу 5,5 милиони жители на покраината на североистокот од Шпанија излегуваат на избирачките места на коишто пред два месеца се одвиваа насилства во текот на полициското спречување на референдумот за независност на Каталонија. Организаторите на забранетиот од централните власти во Мадрид референдум, кој е прогласен за спротивен на шпанскиот устав, се наоѓаат во притвор, на условна слобода или во егзил, како што е отстранетиот претседател на владата на Каталонија, Карлес Пучдемон, кој се наоѓа во Белгија.
Шпанската влада посакува и верува дека благодарејќи на својата пропаганда на изборите ќе загубат поборниците на независноста, по што би ги отстранила привремените вонредни мерки во Каталонија, односно употребата на членот 155 од шпанскиот устав со кој беше суспендирана автономијата на покраината, мерка што е првпат воведена во земјата по падот на диктатурата во 1978 година. Министерствата во Мадрид ги преземаа управувањата со каталонската администрација откако на 27-ми октомври во каталонскиот парламент беше изгласана независноста.
Со свикувањето на предвремените избори во кус рок на поборниците на независноста не им беше дадено време за нов консензус за заедничко изборно настапување. Коалицијата „Заедно за Да“, којашто по победата на последните избори во 2015 година ја доведе Каталонија на прагот од издвојувањето од Шпанија, сега излегува на изборите поделена. Републиканската левица на Каталонија (ERC) и десниот центар Каталонска европска демократска партија (PDeCAT), коишто ја сочинуваа оваа коалиција, сега се натпреваруваа одвоено.
Лидерот на PDeCAT, Карлес Пучдемон, е во Белгија и доколку се врати во Шпанија, ќе биде уапсен поради обвинението за организирање и повикување на бунт. Претседателот на ERC, Ориол Жункерас се наоѓа во притвор крај Мадрид, и не му беше дозволено излегување на условна слобода. Пучдемон и Жункерас беа претседател и потпретседател на владата на Каталонија. Засега не е познато што ќе се случи доколку победи ERC чијашто листа ја предводи Жункерар или новоформираната коалиција „Заедно за Каталонија“ на чиешто чело е Пучдемон.
Третата и помала партија којашто е залага за независност, антикапиталистичката Кандидатура на народното единство (CUP), благодарејќи на која поборниците на независноста во последните две и пол години има мнозинство во парламентот чие седиште е во Барселона, исто така, излегува сама на изборите.
Овие три партии заедно имаа 72 од 135 пратеници во каталонскиот парламент, што им го овозможи носењето на законите кои Каталонија ја издвоија практично од Шпанија. За просто мнозинство потребни се 68 пратеници.
Силите кои се залагаат за останување во Шпанија беа многу агилни во трката по мандати кои овозможуваат мнозинство во парламентот, мобилизирајќи ги граѓаните и се надеваат на ткн „тивко мнозинство“, гласачи кои беа пасивни а не се согласуваат со независноста на Каталонија. Меѓутоа, и овие партии не излегуваат на изборите здружени во еден блок. Партијата на центарот Граѓани (Ciudadanos), која е создадена на противењето на независноста, прерасна во 2014 година на национално ниво и сега е четврта по сила партија во Шпанија. Таа е најсилната сила за обединета Шпанија во Каталонија. По неа следат партиите од левиот центар Социјалистичката партија (PSOE) и на десниот центар Народната партија (PP) на актуелниот шпански премиер Маријано Рахој, кои последните четири децении се менуваа на власт во Шпанија. Меѓутоа, ниту една од нив досега не победила во Каталонија, ниту е фаворит и на овие избори.
Сите анкети укажуваат на неизвесен изборен резултат. Ниту една партија самостојно не го добива потребното мнозинство од 68 мандати. Најверојатен поединечен победник е сепаратистичката Каталонска републиканска левица, но за да може да го продолжи процесот кон самостојноста ќе ѝ биде потребна поддршката од другите партии. Веднаш зад неа се Граѓаните, како предводници на унионистите.
Каталонија, каде што се произведуваат 25 отсто од сите стоки и услуги во Шпанија, така би можела со седмици и месеци да биде без нова влада, доколку дојде до изедначени резултати.