Со повеќе активности и манифестации Скопје денес ќе одбележи 52 години од катастрофалниот земјотрес од 1963-тата година, во кој главниот град на државата беше претворен во урнатини.
Со повеќе активности ќе биде одбележана годишнината од земјотресот
Утрово на Градските гробишта во Бутел официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес.
Традиционално, од 9 до 17 часот ќе се реализира и крводарителска акција во Дневниот центар за дарување крв на Црвениот крст на Град Скопје, што се наоѓа во ДХО „Даре Џамбаз“.
Активнсотите ќе продолжат и во текот на вечерта. Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе се одржи литературно читање „Поетесите за својот град“, а во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Скопје 1963-пред и потоа“, каде пред присутните ќе се обрати скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Концептот на изложбата е прикажување на централното подрачје на Скопје, пред земјотресот и потоа. Посетителите ќе можат да погледнат фотографии, создадени за изложба реализирана во Музејот на Град Скопје во 80-тите години на 20 век, насловена „Напоредни фотографии на Скопје“. Ќе бидат претставени и фотографии од Киро Георгиевски, користени за изложбата „Старо Скопје“, реализирана во Музејот во 1993 година. Посебен додаток на изложбата е донацијата на семејството Битољану, фотографии на фотографот Томислав Петернек, направени непосредно по земјотресот, за време на неговиот престој во Скопје.
Во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се одржи настанот „МКЦ за Скопје“. Од 20 часот ќе биде отворена изложбата на младиот македонски уметник Иван Петрушевски-Филм, со наслов „Херои и нули“. Потоа следува проекција на документарниот филм за култните „Леб и сол“, „Каша“ во режија на Дарко Марковиќ, концертен настап ќе имаат групите Sethstat&Мирко Попов, Khara и Сусијат.
По земјотресот Скопје стана град на солидарност
Земјотресот во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Се смета дека тоа е најголемата елементарна непогода што го зафатила главниот град, а воопшто и Македонија. Во земјотресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.
Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност, пишува МИА.