Непоставување рок за извршување на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе значи правна несигурност во државата, велат експертите коментирајќи го барањето на Катица Јанева, Собранието во целост да го избрише членот 22 од Законот за специјална јавно обвинителство и да и даде времено неограничен мандат.
Барам да се избрише членот 22, додека имаме работа да работиме согласно Кривичниот законик, рече Јанева одговарајќи на прашањата на пратеничката Светлана Јакимовска.
Професорот Александар Даштевски вели дека неопходно било Јанева уште на самиот старт да направи проценка дали во дадениот рок ќе може да ги изврши обврските кои ги презела со функцијата.
Со оглед дека има најмалку 600.000 разговори, значи скоро секој политичар, бизнисмен, новинар и други биле прислушувани. Доколку нема рок, речиси целата држава ќе биде во неизвесност, дали можеби за неколку години некому нема да му биде поднесена кривична пријава. Затоа е даден овој рок, да се заврши овој процес и да престане политичката криза, но и економската која е продуцирана од неа, во меѓувреме да се завршат реформите и Македонија да почне да оди напред. Но исто така, ако вие тврдите дека за една година сте преслушале само 12 проценти од материјалот тоа е крајно несериозно. Секој функционер треба да ги види условите кои се предвидени во законот и веднаш да се произнесе дали може да ги исполни или не и ако не може да ги исполни да си поднесе оставка, а не да бара промена на законот, вели професорот Даштевски.
Тој додава дека токму поради ограничениот рок од 18 месеци за истраги, Специјалното Јавно Обвинителство доби огромен буџет за да има доволно средства за повеќе извршители, кои ќе работат на преслушување на незаконски прислушуваните разговори и да се истражуваат индиции за кривични дела.
Даштевски истакнува дека и покрај се’ најважното прашање на кое одговорот треба да го открие токму СЈО е: Од каде потекнуваат прислушуваните материјали? Но, според него, тоа не е ниту блиску до решавање.
Најважната работа е од каде потекнуваат прислушуваните материјали, од што зависи дали ќе се водат постапките или не, односно дали тие потекнуваат од легален или нелегален извор, а таа не е расчистена. Што е уште поважно, СЈО не дава никакви сигнали дали и кога тоа ќе и’ докаже на македонската јавност и пред се’ на Основниот суд Скопје 1, кој е надлежен за постапување, вели професорот Даштевски.
Јанева при собраниската комисија за извештајот на СЈО прашана за случајот „Пуч“ и дали имаат докази кој прислушувал и со која цел, обвини дека судот ја одложува расправата.
Пратениците и’ одговорија дека наспроти ваквото тврдење на Јанева, стои фактот дека токму таа во март бараше одлагање и наведуваше дека нема да може да биде слободна да доаѓа на рочиштата бидејќи тогаш се подготвувала за свадба.