Катимерини предвидува дека решението за името ќе биде одложено на неодредено

Во пресрет на денешните разговори на медијаторот Метју Нимиц со македонскиот државен врв грчкиот весник Катимерини излезе со коментар на својот извршен уредник Алексис Папахелас, според кој решението за името на македонската држава ќе биде одложено на неодредено време.

Откако во воведот од коментарот насловен „Како се сменија времињата“ авторот се осврнува на растечката лутина на огромен дел од грчките граѓани наспроти надежта дека ќе тргне на подобро кога Алексис Ципрас стана премиер, втората половина од текстот е посветена на прашањето за името на Македонија.

„Но, ерупцијата ненадејно се случи не поради намалувањата на пензиите и другите мерки за финансиска помош, туку поради спорот за името со поранешната југословенска Република Македонија (ПЈРМ).

Во Америка, метафората ‘трета шина’ се користи за да се опише прашање по кое ниту еден политичар не може да преживее ако тој или таа го допре (се мисли на високонапонската трета шина во некои електрични железнички системи).

Во САД во овие прашања спаѓа абортусот – кој има повеќе врска со гнев отколку со логика – меѓу другите. Веројатно Ципрас го изгубил допирот со грчката реалност, бидејќи бил ослепен од одобрувањето од меѓународната елита.

Тој го заборави основниот принцип кој предвидува дека политичарот, дефинитивно, мора да биде извозлив, без да заборави дека тој или таа мора да биде увозлив и ‘вкусен’ во неговата/нејзината земја.

Во последниве денови се развива одредена динамика и никој не може да каже каде ќе води таа. Најверојатниот исход е дека решението ќе биде одложено на неодредено време, при што Ципрас ќе им објаснува на своите странски соговорници на маргините на самитот дека ‘ова е Грција … Што да кажам?’.

Иронијата на историјата во сета своја слава“, пишува Папахелас во својот коментар.