![mickoski govor protest](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/11/mickoski-govor-protest.jpg?resize=591%2C384&ssl=1)
„Ни ветуваа пет проценти раст на БДП во програмата што ја нарекоа ’Живот’, пекол донесоа, темнина донесоа кај секој еден граѓанин во Република Македонија… Направивте Македонецот да биде рамнодушен на се. После сите овие понижувања и омаловажувања што ни ги направивте овие година и половина, после сите распродажби на националните интереси, после целиот хорор којшто и го направивте на вашата татковина, се обидовте да направите Македонецот да биде рамнодушен. Но, ние тоа нема да ви го дозволиме. Ние ќе застанеме еден до еден сите заедно со сите граѓани без разлика на нација, без разлика на вера против вас и ќе ви го покажеме вашето место во историјата, на темната страна на историјата на следните предвремени или редовни парламентарни избори ќе ве поразиме жестоко“, рече Мицкоски.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го почна протестот марш пред седиштето на партијата. Го организира една година по приведувањето на лицата за собраниските инциденти од 27 април лани.
По седницата на Извршниот комитет минатата седмица, партијата најави дека во наредниот период ќе организира протести со кои што, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, ќе се застане на патот на антинародната и криминална власт.
Претседателот на партијата Мицкоски изјави дека со денешниот протест ВМРО-ДПМНЕ ќе прогласи и ќе почне национална, економска, социјална и образовна, сеопфатна и сеопшта револуција против погрешното владеење на Зоран Заев, економското и националното разнебитување. Тој најави дека протестите ќе продолжат не само во главниот град, и во други градови низ Македонија.
„Денеска почнуваме, а ќе одиме и ширум Македонија преку викенд и ќе одиме секоја среда, овде, пред платото на Владата на Република Македонија”, рече Мицкоски
Истакна дека излегле заради националното понижувања, затоа што Македонија била обвиткана со темнило, а сите ќе се обединиле за да ја урнеле оваа „неспособна и криминална власт”.
„Нашиот револт ќе биде изразен поинаку, нема да биде како тие што правеа, бидејќи ние ова го градевме. Нашиот револт е гандиевски, со мирни протести ќе им покажеме како се сака татковината”, рече Мицкоски.
Денешниот протестен марш почна од пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Со извиците “оставка”, “криминалци”, “Македонија” и скандирања ВМРО-ДПМНЕ симпатизерите и поддржувачите се упатија кон зградата на Владата. Колоната ја предводеше партискиот лидер Мицкоски придржуван од партиското раководство, а насобраните повремено го извикуваа и неговото име и ја пеејапесната “Едно име имаме”.
Мицкоски е убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го порази, како што кажа самиот ова „зло“, но дека ќе ги поразат и оние кои вчера ги поддржале (веројатно алудирајќи на Митко Јанчев кој вчера изјави дека ќе се бори заедно со Заев против опструкциите на Мицкоски).
„Сакам да им порачам на оние кои се спроти нас, ќе ве победиме сите, од прв до последен… Ќе дојдат и избори, сакам да бидам искрен до крај. Така и овој пат, за да има избори, мора да се избориме. Ќе дојдат и избори. Еве ги претседателските, ајде тука жестоко да победиме. Тоа е првиот чекор кон триумфот на овие луѓе, кога ќе си ја ослободиме татковината од спрегите на тие што се внатре во Владата. А до тогаш тука да се наоѓаме ширум улиците и плоштадите. Само така ќе дојдеме до избори и до посакуваниот триумф. Тоа е единствената формула“, рече Мицкоски.
Ви ветувам, продолжи опозицискиот лидер, дека ќе работам трипати повеќе од што работат тие кои се сега внатре во Владата за да бидат победени, а кога ќе идат победени Мицкоски вети дека влаата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе работи „пет пати повеќе да ја исправиме Македонија на нозе“.
„Сега е тоа време, време е за акција. Ова не е битка за ден или два. Ќе трае подолго, и свесен сум дека ќе се обидат со подмолни удари да не поткопаат, но ќе ви ветам дека сигурно ќе ги победиме, и нема алтернатива. Дури и оние нови поддржувачи кои застанаа рамо до рамо со нив од вчера. Сите на куп ќе ги победиме“, рече Мицкоски на вечерашното обраќање.