Киев објави дека сите жени, деца и старци се евакуирани од „Азовстал“

Сите жени, деца и постари лица се евакуирани од утврдените подземни коридори на металуршкиот комбинат „Азовстал“, последното место на отпорот на украинските сили во близина на стратешки важниот украински јужен пристанишен град Мариупол, објави во саботата украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

„Наредбата на претседателот е извршена: сите жени, сите деца и сите постари лица евакуирани од Азовстал. Овој дел од хуманитарната мисија е завршен“, објави Верешчук.

Руското министерство за одбрана во четвртокот објави дека воведува тридневен прекин на огнот поради извлекувањето, како што претходно се проценуваше, на околу 500 цивили од челичарницата „Азовстал“, засолнати таму по почетокот на борбите за Мариупол уште пред украинските борци, меѓу кои и странски платеници, да се повлечат во фабриката.

Претходно во саботата штабот на проруските сили од самопрогласената Доњецка Народна Република објавија дека 50 цивили, исто така, се евакуирани од „Азовстал“. Претходно во петокот, од Доњецк беше објавено дека во три групи од територијата на комбинатот и од Мариупол се извлечени повеќе од 200 цивили и префрлени во селото Безименое, во Новозаовската област во административниот состав на источниот украински регион Доњецк, под контрола на набљудувачи од Обединетите нации и од Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Украина презема дипломатски чекори да ги спаси украинските борци кои се наоѓаат во руското опкружување во „Азовстал“, изјави во своето вообичаено ноќно обраќање украинскиот претседател Владимир Зеленски. Тие чекори вклучуваат и „влијателни посредници и држави“, додал Зеленски без да наведе поединости.

Руската војска заробила хрватски дражвјанин кој се борел на украинската стана, кога заедно со група соборци се обидел да побегне од околуната на Мариупол, потврди министерството за надворешни и европски работи на Хрватска. Од Загреб додаваат дека во соработка со колегите во Киев „работат на решавањето на случајот, но дека поради чувствителноста на ситуацијата во овој момент нема да откриваат детални информации“.