Кина може да испорача 200.000 вакцини за Македонија до крајот на месецов

Можно е земјава да добие вакцини и пред февруари, најави вечерва премиерот Зоран Заев. Според него, сите варијатни се отворени. Има најави и за вакцини од Кина во јануари, но тоа засега не е потврдено. Допрва се очекува да се видат условите.

Во гостување на дневникот на ТВ Сител, Заев рече дека ќе се вакцинира за да испрати порака до граѓаните дека вакцината е безбедна.

– Имаме најави и со Кина за околу 200.000 вакцини за овој месец, но ќе видиме кои се условите. Кина има пет вакцини кои ги поминале фазите и тие веќе се дистрибуираат надвор од Кина и две во фаза на тестирање. Чекаме и од ЕУ од Ковакс механизмот, од кои 100 милиони вакцини се за Западен Балкан – истакна премиерот.

Заев за најавите и точните бројки на вакцини кои ќе пристигнат од европските земји и нашите соседи, како Австрија, Полска, Бугарија, Грција, рече дека и тие добиле десет пати помали количини од најавените. Притоа изрази надеж дека динамиката на продукција и испорака во следниот период ќе биде посоодветна од претходно најавената.

Премиерот информира дека од министерот за здравство добил потврда дека од компанијата „Фајзер“ пристигнуваат првите 5.850 во февруари, од вкупно 800.000 колку што е договорено, но и дека е возможно регистрирани вакцини од регистрирани компании и одобрени од Светската здравствена организација да пристигнат и порано.