Кипарската полиција откри 133 лажни венчавки

Кипарската, латвиската и португалската полиција уапсиле 15 лица поврзани со десетици лажни бракови од интерес на островот во источниот дел на Медитеранот, соопшти во средата кипарската полиција.

Како резултат на акцијата на полициската агенција Europol, предводена од кипарската полиција, на 29-ти јануари на Кипар биле уапсени 13 лица, додека истиот ден во Португалија и Латвија две лица.

„Истрагата откри докази против голем број луѓе вклучени во 133 лажни бракови на Кипар, вклучувајќи жени од Португалија и Латвија и мажи од Индија, Пакистан и Бангладеш“, соопшти кипарската полиција.

Властите соопштија дека истражуваат заговор за извршување кривично дело, помагање и поттикнување нелегален влез, фалсификување, лажни бракови и принудување на жртвите на лажни бракови со цел да добијат дозволи за престој во Европската унија.