Кипарската Влада поднесе оставка

Ова се случи откако Демократска партија (ДИКО) ја напушти владејачката коалиција поради несогласувања со економскиот и политички пристап на претседателот Никос Анастасиадис за голем број прашања. Првично оставки поднесоа четворица министри од ДИКО, а потоа тоа го направија и останатите седум министри од конзервативната коалиција што го поддржува Анастасиадис.

Оставките се резултат на отфрлањето на планот за приватизација од страна на Парламентот, кој што беше наметнат од меѓународните кредитори на Кипар.

Оваа одлука на пратениците ја стави под прашање иднината на спасувачката финансиска програма од 10 милијарди евра за островот. Дискутирање на текстот во парламентот беше придружуван од масовни протести на вработените во водечките државни претпријатија.

Според планот за приватизација Кипар треба да приватизира три основни комунални претпријатија, Кипарската енергетска компанија, Кипарската телекомуникациска компанија и кипарската пристанишна администрација, за околу 1,4 милијарди евра до 2018 година.

Денес портпаролот на Владата, Христос Стилианидис најави дека планот ќе биде вратен во парламентот на разгледување.

Анастасиадис истакнал дека ќе одлучи каков ќе биде составот на новиот кабинет во наредните 15 дена.

Стилианидис посочи дека претседателот ги добил оставките на сите 11 министри, но ги замолил да останат на функцијата до 15 март .