Кишида бара да се запре падот на јапонското население „сега или никогаш“

YOSHIKAZU TSUNO/AFP/Getty Images)

Јапонскиот премиер Фумио Кишида вети во понеделникот преземање итни чекори во решавање на падот на наталитетот во земјата, велејќи дека тоа е прашање на „сега или никогаш“ за една најстарите нации на светот.

Јапонија последните години настојуваше да ги поттикнува своите жители да имаат повеќе деца ветувајќи парични додатоци и бројни олеснувања, но останува една од најскапите места на светот за одгледување дете, покажуваат истражувања.

Бројот на родените минатата 2022 година бил рекордно низок, според официјалните податоци, и првпат паднал на помалку од 800.000, што се смета за пресвртен момент кој се случи осум години порано пред очекувањата на владата. Тоа веројатно го забрзало натамошниот пад на бројот на населението во земјата каде што просечната возраст е 49 години, највисоката во светот зад градот-држава Монако.

„Нашата земја е на работ. Прашањето е може ли да ги одржи своите општествени функции… Сега или никогаш кога станува збор за политиката на раѓање и воспитување деца, тоа е прашање кое едноставно повеќе не може да чека“, изјави Кишида во политичкиот говор на отворањето на годинешното заседавање на јапонскиот парламент.

Кишида рече и дека ќе претстави планови за удвојување на буџетот за политиките во врска со децата до јуни, како и дека во април ќе биде воспоставена владина агенција за деца и семејства којашто ќе се занимава со тоа прашање.

Јапонија е третата најскапа земја за растење на децата, според YuWa Population Research, зад Кина и Јужна Кореја, земји коишто, исто така, го гледаат намалувањето на населението како загрижувачки знак за глобалната економија.

 

Бројот на Кинезите првпат падна по 1961-та

И други земји, исто така, се соочуваат со стареење и намалување на бројот на населението, а Кина минатата седмица извести дека нејзината популација во 2022 година првпат паднала во последните 60 години.

Така, бројот на Кинезите минатата година паднал првпат по 1961 година, што претставува историска пресвртница која го означува почетокот на веројатно долгиот период на намалувањето на кинеското население, благодарејќи на што Индија во 2023 година може да стане најнаселената земја на планетата.

Кина на крајот од 2022 година имала 1.41175 милијарда жители во однос на 1.41260 милијарда една година порано, според податоците што минатата седмица ги објави државниот завод за статистика.

Стапката на кинескиот наталитет била 6,77 новородени на 1.000 лица, пад во однос на 7,52 во претходната 2021 година. Тоа е најниската стапка досега.

Кина, покрај тоа, лани имала и најголема стапка на смртност по 1976 година, односно 7,37 починати на 1.000 лица во однос на 7,18 во 2021 година

Долгорочно, демографските експерти на Обединетите нации предвидуваат дека бројот на Кинезите до 2050 година ќе падне за 109 милиони, трипати повеќе отколку во прогнозата во предпандемиската 2019 година.

Демографскиот пад во најголем дел е резултат на кинеската политика на едно дете во периодот од 1980 до 2015 година, како и големите трошоци за образованието поради кои голем број Кинези имаат само едно или воопшто немаат деца.

Домашните демографи сметаат дека Кина ќе остари пред да стане богата, доведувајќи до забавување на економијата, бидејќи ќе паднат приходите и до зголемување на јавниот долг поради зголемените трошоци за грижата за старото население.

Строгите мерки во справувањето со пандемијата со Covid-19 кои беа на сила три години и потоа наглото попуштање кое ги наполни болниците, дополнително придонело да ги одврати граѓаните од планирање на проширување на семејството а со тоа и кон демографскиот пад, сметаат стручњаците.

Иако локалните власти во 2021 година воведоа мерки коишто би требало да ги мотивираат Кинезите на поголем број деца, вклучително даночни олеснувања, подолго породилно отсуство и субвенции за домување, долгорочно не се очекува дека тие мерки ќе го променат трендот.