Кој дозволи осудениот убиец Игор Спасов да побегне?

Пет дена осудениот за убиството на Мартин Нешковски, поранешниот специјалец Игор Спасов е во бегство. Надлежните институции си ја префрлаат вината што осуденикот наместо во затворот во Идризово, најверојатно сега е на слобода во Турција, како што се шпекулира во јавноста.

Штипскиот суд, којшто му дал отпуст од издржување на затворската казна, по неколкудневен молк денеска конечно даде одредени информации врз основа на што Спасов добил дозвола да го напушти затворот.

Во соопштението се наведуваат постапките, кои судот официјално ги почнал на 24 октомври. Според штипскиот суд одлуката да се ослободи Спасов е поради медицинските белешки според кои му била неопходна операција и мислење на Основното јавно обвинителство.

„Појаснуваме дека одлуките донесени од страна на судот во оваа постапка се донесени по претходно прибавено мислење од страна на ОЈО, како и врз основа на соодветна медицинска документација во оригинал издадена од стручни медицински лица, искази на вешти лица од областа на медицината и известување од установата каде осудениот издржувал казна затвор дека таков вид на лекување и медицински третман не се пружа во таа установа, се вели во соопштението на Основниот суд во Штип.

Инаку, според последните информации, докторот кој дал мислење за здравствената состојба на Спасов и препорачал операција, а потоа и два месеци домашна него е близок роднина на осудениот. Според информации кои што ги објави Телма, докторот е баџанак на Спасов. Операцијата која наводно му била потребна на сега побегнатиот воопшто не била ни извршена.

Случајот ги отвори дилемите дали некој воопшто ја проверува вистинитоста  наодите од докторите врз основа на кои се ослободуваат осудени лица од затвор. Министерот за здравство, Венко Филипче денеска вели дека не му било познато дека тоа треба да се прави, но вели подготвен е да направат проверки дали докторот издал лажна медицинска документација.

Инаку, за потсетување при посетата на премиерот Зоран Заев на затворот Идризово Спасов беше еден од затворениците кои срдечно и особено пријателски се поздрави со Заев.