Кој ќе одговара за криминалот во Еуростандард банка?

Соопштение од Здружението на оштетени штедачи на ЕСБ банка: 

Речиси три години се молчи за организираниот криминал во Еуростандард банка. Десетици милиони евра од депозитите се исчезнати преку илегални трансакции кои се случувале во банката со години. Се делеле кредити без исполнување на основни критериуми за одобрување. Не се почитувале низа законски обврски. Не се почитувале ниту кредитна политика, ниту политики и процедури за кредитен ризик. Сите тие незаконски трансакции биле одобрени од раководните лица во банката, кои се единствените потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можат да се наплатат. Така и почнал криминалот, за да потоа се развие до граници од кои нема враќање. Раководните одговорни лица во банката, добро познати во јавноста како осомничени за организиран криминал, ги делеле парите од депозитите без или со несоодветни обезбедувања на кредити, а други ги присвојувале тие исти пари и никогаш не ги вратиле. И за сето тоа постојат докази, но надлежните институции молчат и игнорираат.

Народна банка гледала и знаела, но молчела додека се случувал криминалот во Еуростандард банка. И така со години. И откако одлучи да ја затвори банката во август 2020 година, Народна банка поднесе кривична пријава против раководните одговорни лица во Еуростандард банка. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција покрена истрага за Еуростандард банка уште во февруари 2021 година. Иако поминаа и сите законски рокови за изјаснување од обвинителството, нема одлука повеќе од две години.

Сторени се низа кривични дела. Од злоупотреба на службена должност и овластување, преку измама, фалсификување документи, перење пари и други приноси од казниво дело, и како резултат на сето тоа предизвикување стечај на банката. Тешки кривични дела од Кривичниот законик на Македонија за кои се одговара.

Ќе има ли одговорност за организираниот криминал во Еуростандард банка или и понатаму ќе се молчи и игнорира од надлежните институции, а во името на декларативна заложба за борба против организираниот криминал и корупција?