Комплексот „Македонско село“ се затвора од утре. Одлуката денеска ја објави менаџментот на нивната веб-страница и на Фејсбук профилот.
„Ве информираме дека менаџментот на Комплексот „Македонско село“ донесе одлука за затворање на Комплексот и истиот престанува да работи од 18.10.2018 (четврток). Ви благодариме за сите заеднички моменти, убави спомени и посети во изминатите години“, се наведува во соопштението. Повеќе информации за причините за затворањето не се објавени.
Владината служба за општи и заеднички работи (СОЗР) ги повика претставниците на „Македонско село“ да информираат за одлуката и причините комплексот да престане со работа.
(СОЗР) како надлежна за стопанисувањето на објектите во сопственост на владата, известува дека Владата на Република Македонија не беше запознаена за намерата, ниту информирана за одлуката на менаџментот на комплексот „Македонско село“, објектот да биде затворен и да престане да работи. Во договорот склучен меѓу СОЗР и концесионерот, претставуван од компаниите „Тинекс“ и хотелот „Квинс“, има член кој јасно определува дека за ваква одлука давателот на концесијата треба да биде известен најмалку 6 месеци однапред. СОЗР денеска ќе ги покани претставниците на менаџментот на концесионерот утре на состанок да информираат за причините за нивната одлука. Од таа средба со менаџментот на концесионерот на „Македонско село“, и од разговорот за новонастанатата ситуација, СОЗР ќе постапи согласно одредбите регулирани со договорот за концесија, стои во соопштението од Владата.
Компанијата „Тинекс“ на 23 јуни 2016 година свечено го отвори комплексот „Македонско село“, лоциран во село Нерези во близина на манастирот „Св. Пантелејмон“. Етно-комплексот има 12.000 метри квадратни и е изграден во стилот на традиционалната македонска архитектура. Има автентични куќи од различни краишта на Македонија со сместувачки капацитет за сто гости. Во состав на комплексот се хотел, ресторани и дополнителни содржини.
Според тогашната одлука на Владата, „Тинекс“ и хотел „Квинс“ – два субјекта кои се во сопственост на Владимир Тодоровиќ и неговото семејство, требаше да стопанисуваат со комплексот „Македонско село“ 20 години.