Конфискувањето на руската сопственост е неуставно, оцени Швајцарија

Конфискацијата особено на руската приватна сопственост би го поткопала Уставот на Швајцарија и сегашниот правен систем на земјата, објави во средата швајцарската влада повикувајќи се на извештајот што на оваа тема го изработила специјална работна група.

Швајцарија замрзна финансиски средства во вредност од 7,5 милијарди швајцарски франци, или околу 8,13 милијарди американски долари, според санкциите донесени против Русија поради нејзината воена интервенција во Украина.

„Поддршката за Украина ќе продолжи, независно од дискусиите за замрзнатата сопственост“, извести во средата швајцарската влада примирувајќи ги западните сојузници.

Официјален Берн сакал да утврди што може да се направи со таа сопственост, по идеите на Европската комисија со тие пари да се финансира воената отштета на Украина или поствоеното обновување на земјата, за што финансиско-правните експерти сметаат дека е тешко изводливо според сегашни меѓународни закони.

Работното тело основано за да се дискутира токму ова прашање објави дека швајцарскиот закон не дозволува одземање на приватна сопственост со законско потекло без соодветен надомест.

„Одземањето на замрзнатата приватна сопственост не е во согласност со Уставот и важечкиот правен поредок, и ги крши меѓународните обврски на Швајцарија“, соопшти во средата швајцарското министерство за правосудство.

„Другите земји имаат слично уставни права и гаранции“ за приватната сопственост, се истакнува во објавата.

Против заплената на руската приватна сопственост се и познатите швајцарски банки.

„Денес нема никакви законски основи за одземање на средствата“, извести уште во јануари Здружението на швајцарските банкари.

Швајцарија ја напушти својата децениска неутрална позиција и воведе и дополнителни санкции против Русија, вклучително и ограничувањето на цената на руската нафта што го воведе Европската унија.

Швајцарија кон крајот на јануари, исто така, го усвои најновиот деветти пакет санкции за една година на ЕУ против Русија, при што на црната листа се ставени уште 200 руски поединци. Најавени се и нови рестрикции, како што е забрана за извозот на елементи за воздухопловната индустрија којашто се однесува на производството на мотори за авиони и беспилотни летала.