
Хотелот во кој биле сместени членови на германската делегација која учествува на самитот на седумте најразвиени земји во светот Г7 во Англија е затворен откако дел од персоналот бил позитивен на Covid-19, соопштија во четвртокот сопствениците на хотелот.
Хотелот „Pedn Olva“ во Сент Ајвс, крајбрежно гратче близу Корнвол каде што се одржува тродневниот самит на Г7 на југозападот на Англија, привремено е заворен на препорака на здравствените служби и локалните власти, соопштија сопствениците.
Меѓу хотелските гости биле припадниците на безбедносните служби на германската делегација и новинари кои известуваат за американските телевизиски мрежи, според американските медиуми.
„По разговорите последните денови со PHE (службата за јавно здравство во Англија) и Советот на Корнвол, одлучивме целосно да го затвориме хотелот“, соопштил портпаролот на сопствениците.
„Потполно ни е јасен проблемот, имајќи ги предвид ограничените опции кои се на располагање во оваа област, но безбедноста на нашиот тим и на госттие е од највосок приоритет“, додал портпаролот.
Појаснил дека хотелот повторно ќе биде отворен кога ќе биде извршена целосна дезинфекција и кога ќе има доволно персонал на распоалгање.