Најголемиот акционер на Еуростандард банка ја смета за смешна и нереалена постапката на Обвиненителството за перење пари против него. Костовски тврди дека нема никакви докази за тоа и инсистира надлежните да го сослушаат.
“Во моментот на затварање на банката на конто имаше во готово 27 милиони евра. Ако сум имал намера да перам или да крадам пари имаше илјада начини како можев тие пари да ги извадам. Ниту сум сонувал дека ќе ми ја носат банката во стечај”, вели Трифун Костовски, сопственик на Еуростандар Банка.
Според Костовски, стечајот на Еуростандард бил претходно испланиран, а за тоа знаеле и во Народната банка. На пресот денеска со него се појавија и други бизнисмени кои тврдат дека слични злоупотреби на жиро сметки на правни лица се случуваат и преку други банки.
“Смешно е обвинението со најпрости зборови. Обвинението не држи и нема врска со мојата личност, со моето место и како акционер и претседател на Надзорен одбор. Меѓутоа, принципот тука веќе е внесен, многу зборува треба да го заќутиме. Не може да ме заќутат, сè може да ми земат. И животот. Не се плашам. Молам? Уште утре ќе одам, нема проблем. Ако сум виновен не се плашам. Имам доволно машкост во себе апсолутно да се соочам со сите проблеми. Не сум кукавица да бегам”, вели Костовски.
Пред половина година Народната банка ја одзеде дозволата за работа на Еуростандард и сега во тек е стечајна постапка, а замрзнати се имотите на вкупно четири лица од раководството на банката. Инаку, утре Уставниот суд ќе одлучува по иницијативата на оштетените штедачи, кои бараат да се укине дел од законот каде се определува кој има предност при обештетување.