Изминатата недела и настаните кои ја одбележаа ја доживувам поразувачки, со поттикнување на многу негативни емоции кај секој поединец во нашава држава. Ковидот катадневно коси со веќе двоцифрени бројки на починати луѓе, и со над илјада новозаразени секојдневно, пишува Трифун Костовски, за Либертас.
-Министерот за здравство, господинот Филипче, тврди дека пикот на очекуваниот есенски бран е зад нас, но верувајте, тешко можам да се согласам со ваквата проценка. Во најмала рака делува несериозно, бидејќи никој во светот не може со сигурност да каже во која насока ќе се движи и колку долго ќе трае пандемијата на Ковид-19, кој е следниот вирус кој ќе нè нападне по справувањето со Ковид-19? Пред севкупната цивилизација на планетата земја се поставува основното прашање – каков ќе биде животот на денешните и идни генерации на човечкиот род, пишува тој.
Посебен осврт дава коментирајќи го однесувањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Еве што пишува бизнисменот за премиерот:
„Друго нешто што длабоко ме вознемири беше интервјуто на премиерот на Владата на Република Северна Македонија, господинот Зоран Заев, за бугарската агенција БГНЕС. Анализирајќи ги неговите мисли, изговорени зборови, говорот на тело и мимиката на лицето, се почувствував понижен. Да не се знае дел од специфичните сегменти кои се дел од нашето општество и од нашата историја, не е грев. Во случајов говорам за историјата на нашата Македонија. Недозволиво е од позиција на прв човек на Владата на РМ да се понижува себеси, да го понижува граѓанинот од македонска националност, и останатите граѓани.
Вториот непримерен однос на Премиерот Заев е поврзан со судскиот случај ПУЧ, поврзан со организираното насилство на 27 април 2017 во Собранието на РМ, каде во улога на сведок дава контроверзни изјави. Во првата дадена и потпишана писмена изјава го осудува злосторот и луѓето обвинети за тој злостор, за на последното рочиште тоа го повлече, а судијката Русковска мораше да го опомене.
Немам зборови како да го опишам ваквото однесување на првиот човек на Владата на Република Северна Македонија. Објаснувањето од страна на неговите сопартијци и политички сојузници во Владата дека си ја жртвува политичката кариера за Македонија да влезе во Европска унија е приказна за мали деца. Тоа барем кај мене не минува. Достоинствено е веднаш да си поднесе оставка од позицијата премиер, а неговите сопартијци подобро нека размислат дали ќе му ја дадат довербата да ја води партијата СДСМ.
Анализирајќи ги сите неиздржани изјави и ставови на господинот Заев од самото негово појавување на политичката сцена, говорам во прво лице еднина, господинот Заев не треба да се занимава со политика. Политиката по мене е пресериозен предизвик во развојот на севкупниот напредок на државата и човекот во нејзе како поединец.
Искуството, човечките доблести и знаењето, треба да бидат главните одлики на вистински политичари.
Оставката е единственото исправно решение, кое го очекувам да биде сторено. Луѓе кои бегаат од одговорноста за стореното лошо дело не ги почитувам“.
Целата објава прочитајте ја на ЛИБЕРТАС.