Ковачевски тврди дека немало состанок во вилата „Водно“ за уставните измени

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски тврди дека немало никаков состанок во вила „Водно“ за уставните измени. Ваквите обвинувања што ги изнесе вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тој ги отфрли како инсинуации и како работи кажани на митинг кои немаат никаков допир со реалноста.

-Ниту имало некаков состанок во вила „Водно“ на кој се разговарало за какви било измени и на кој било закон, ниту со тие измени се планирало какво било гласање на уставните измени. Со индигнација ги отфрлам тие инсинуации, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарско прашање.

Во тек, е потсети Ковачевски, носење комплетно нов кривичен законик на кој работат експерти во Министерството за правда. Иако се заинтересирал до каде се измените, тој, како што рече, досега не добил одговор.

-Ако се сеќавате, законските измени беа презентирани во Парламентот и немаше ниту една дискусија од пратениите на ВМРО-ДПМНЕ против. Тие обезбедија кворум тие законски измени да се изгласаат, дури најголемиот дел од нив беа среќни, нив ќе ги прашате зашто беа среќни, но јас ќе ве потсетам дека законските измени се донесени заради усогласување со европското законодавство во делот на конфискација на имот стекнат на незаконски начин и заради усогласување на одредби од законот со одредбите на законите на други држави, Словенија, Германија и 90 отсто од земјите членки на ЕУ и Советот на Европа во кои не постојат бланкетни одредби за обвинување лица и нивно бескрајно држење во притвор. Со тоа Кривичниот законик стана поевропски, а постојат над 400 одредби во Кривичниот законик со кои можат да бидат помилувани лица кои се огрешиле по кој било закон во државата, рече Ковачевски.

Според него, досега изборната кампања се води коректно, без лични навреди и дисквалификаци.

-Мислам дека имаме демократска кампања со една дамка која ќе мора да се испита од надлежните институции, а се однесува на обвинувањата кои беа објавени од еден ваш колега новинар во однос на злоупотребите кои тој ги изнесе преку одредени докази. Институциите треба да докажат дали тие докази се валидни или не во однос на злоупотребата на националниот медиумски сервис, да видат за што се работи, нагласи Ковачевски.

На прашањето колку пати се сретнал со израелскиот експерт за политички маркетинг Асаф Еисин, претседателот на СДСМ одговори дека не се сретнал само со него, туку и со многу други ПР стратези.

-Се имам сретнато и со него и со дузина други маркетинг експерти кои ги нудат своите услуги. Се имам среќавано со многу ПР стратези, дел од нив се од Македонија, а дел од странство зашто за време на избори многу од нив ги нудат своите услуги на политичките партии за кампањи. Во однос на тоа кои агенции работат за СДСМ многу јасно ќе може да се види од потпишаните договори и извештаите што секоја партија има обврска да ги поднесува до ревизорските институции. Можете да ги прашате и другите политички партии со кого се сретнуваат и дали имаат договори со тие со кои се сретнуваат, напомена Ковачевски.

Мицкоски вчера, на изборниот митинг во Тетово, рече дека наводно Ковачевски заедно со Али Ахмети, Артан Груби и Стево Пендаровски, правел план за носење на измените на Кривичниот законик за да се обезеди мнозинство за уставните измени.