Ковчегот со кралицата Елизабета ќе биде префрлен во Лондон

Ковчегот со посмртните останки на британската кралица Елизабета Втора во вторникот вечерта ќе биде префрлен во престолнината Лондон откако 24 часа беше изложен во катедралата во шкотскиот главен град Единбург, во која нејзиниот син кралот Чарлс Трети и неговата сестра и двајцата браќа одржаа бдение.

На Чарлс во понеделникот му се придружија сестрата Ана и браќата Ендрју и Едвард на 10-минутното бдение во единбуршката катедрала на Сент Џајс (свети Егидиј). Со наведнати глави стоеја околу ковчегот, додека граѓаните минуваат покрај нив за да ѝ оддадат почест на кралицата.

Додека војниците во шкотските килтови го изнесуваа ковчегот се слушаше само тажниот звук на гајдите, а четирите деца на кралицата во темнината го напуштија бдението. Насобраната ожалостена маса ги испрати со ракоплескање во знак на поддршка, пренесува BBC.

Кралицата Елизабета Втора која е најдолговечниот британски монарх со 70 години и 7 месеци минати на престолот, почина минатиот четврток во кралската летна резиденција дворецот Балморал во планините во Шкотска.

Со нејзината смрт 73-годишниот Чарлс автоматска стана крал на Обединетото Кралство и на 14 други земји, меѓу кои се Австралија, Канада, Јамајка и Нов Зеланд, а пред погребот ќе ги посети четирите покраина на Велика Британија.

Немирната Северна Ирска, Чарлс Трети ќе ја посети подоцна во вторникот. Во Белфаст ќе се сретне со политичарите и верските првенци, а пред враќањето во Лондон ќе присуствува на литургијата во катедратала на света Ана.

Десетици илјади граѓани утрото во вторникот се собираат во Единбург и цела Шкотска за да ја испратат процесијата со ковчегот на кралицата. Во Лондон на просторот на кралскиот парк многумина оставаат цвеќе и пораки.

Ковчегот со кралицата во вторникот вечерта треба да биде префрлен во Лондон и потоа да биде пренесен во Бакингемскиот дворец. Во среда во рамките на големата воена поворка ковчегот ќе биде однесен во Вестминстер хол, зградата на британскиот Парламент, каде ќе остане до погребот на 19-ти септември. Граѓаните ќе може да минуваат покрај ковчегот 24 часови дневно до утрото на денот на погребот.