Со прифаќањето на грчката формулација за име за севкупна употреба или „ерга омнес“и промена на македонскиот Устав, премиерот Зоран Заев се откажува од идентитетот на македонскиот народ. Шефот на грчката на дипломатијата, Никос Коѕијас, изјави дека без ерга омнес нема решение, додека, пак, најголем дел од македонската научна фела е на ставот дека промената на Уставот, односно име и за внатрешна употреба, автоматски ќе значи и промена на идентитетот.
„Ние правилно направивме што го отворивме прашањето за ерга омнес, можевме да раководиме со преговорите, а со тоа да бидеме блиску, првпат толку блиску, до договор. Но, и да не постои договор, нема ние да бидеме виновни и ова го знае вселената“, рече шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас неодамна во интервју за емисијата „Историја“ на грчката телевизија SKAI.
Додаде дека преговорите „одеа и одат добро“, но треба „и веќе е прашање“ на другата страна „дали ќе прифати ерга омнес, а тоа е смела одлука“ и објасни дека е погрешна перцепцијата ерга омнес да биде само за надворешна употреба.
„За да биде вистинско, ерга омнес треба да се имплементира и во внатрешноста на земјата. Може да се склучи меѓународен договор што ќе го содржи сево ова? Може и постојат правници што веруваат во тоа. Но, искуството покажува дека ако се смени оваа влада, следната ќе го испрати Заев во затвор, велејќи дека го прекршил Уставот, со прифаќање на меѓународно име што не е предвидено и не е дозволено од Уставот. Односно и за нивна заштита, како што им имам објаснето, потребна е промена на Уставот“, вели Коѕијас.
Меѓутоа, многу јасно е дека ерга омнес формулацијата значи менување на Уставот и обезличување на Македонците
„Во основа, кога станува збор за менување на името на државата, за сопственото име, лично, воопшто не прифаќам дискусија. Зашто, штом влезете во дискусија, значи дека се согласувате нешто да менувате. Кога како држава веќе сме влезени во преговори за името на земјата, во спор што ни е наметнат, значи дека е изразена подготвеност за дискусија и менување… Контроверзно е тоа што не знаеме ништо за суштината на преговорите, па обично на крајот се потврдува дека грчките информации се најточни“, смета историчарот д-р Тодор Чепреганов.
Неодамна, претседателот на МАНУ, Таки Фити, јасно го изрази ставот на Академијата да не се прифаќа во преговорите да се отвора прашањето за идентитетот, како ниту име за севкупна употреба, што според грчката страна сега значи дека евентуалното ново договорено име треба да биде и за внатрешна употреба.
„Ерга омнес, односно име за севкупна употреба, никако не смее да се прифати, бидејќи тоа значи менување на Уставот. Тоа носи обезличување на Македонците. Иредентизмот не може да биде оправдување за менување на Уставот. Нашата влада ќе мора да се избори решението да не биде за севкупна употреба, ако сака тоа да биде достоинствено решение. Менување на Уставот и име за севкупна употреба ќе биде опасна ситуација“, предупреди Фити на едно медиумско гостување.
Притоа додаде дека доколку се прифати име за севкупна употреба тогаш ниту МАНУ нема да се вика Македонска академија на науките и уметностите, туку ќе треба да се прекрсти во „Академија на науките и уметностите на Република Горна Македонија“, на пример. Од тоа произлегува дека освен МАНУ, ќе треба да бидат преименувани и други национални институции, како Народната банка на Република Македонија, АРМ, Друштвото на писатели на Македонија, Фудбалската федерација на Македонија… Тоа, според претседателот на МАНУ, е апсурдно!
Но дали апсурдот на грчкото ерга омнес ќе запре само на именувањето на националните институции, или има амбиција да навлезе многу подлабоко, во материјалното и нематеријалното културно наследство, во целосно менување на архивската документација, па и на химната на Република Македонија…, односно секаде каде што се споменува името Македонија. Зашто, ако се смени Уставот, прво се наметнува менување на химната, пишува натаму порталот Курир.мк
„Ако се даде согласност за менување на Уставот, односно се прифати евентуално договореното ново име и за внатрешна употреба во Македонија, многу логично се наметнува прво менување на химната. Химната на Република Македонија е одредена со Уставот, па ако тој се менува во согласност со новото договорено име, меѓу првите на удар е и химната, која почнува со стихот ‘Денес над Македонија се раѓа…’. Моите сомневања одат во насока дека со Законот за употреба на јазиците се настојува Република Македонија да добие и втор конститутивен народ, освен Македонците, што наметнува да биде споменат во химната и обележан во грбот на државата, кој сѐ уште го немаме… Повторно ќе кажам: немаме доволно информации од наша, македонска страна, како течат преговорите, но грчките барања досега – севкупноста на употребата на новото договорено име и менувањето на Уставот на Република Македонија – наведуваат на размислување дека Македонија е ставена во позиција самата да си направи културен геноцид, да се согласи целосно да си го избрише името“, вели историчарот Чепреганов.
„Грците никогаш во историјата на дипломатијата не отстапиле од своите намери и цели. А целта во овие преговори за ‘проблемот за името’ е да се избришат името Македонија како меѓународен државен субјект и народот“, заклучува Чепреганов.
Промена на името е вистинска капитулација на Македонија, смета и академик Митко Маџунков кој е дециден дека името не треба да се менува по никоја цена.
„Името не треба да се менува, тоа е вистинска капитулација на Македонија. Светот да има правни аргументи веќе ќе нѐ притиснеше тоа да го направиме со сила. Меѓутоа, бидејќи ги нема тие аргументи, нашата страна значи самата македонска политика треба да капитулира за тие да се почувствуваат безгрешни. Сега, кога ќе го потпишеме ова, ако го потпишеме, ќе дојде на ред албанската платформа со која ќе се воведе двојазичноста, а двојазичноста значи дека Македонија има еден признаен јазик што е албанскиот и еден јазик во исчезнување тоа е македонскиот. Самиот факт дека се извршени сите подготовки, подготвителни вести како онаа со Бугарија божем за пријателски односи итн., и оваа албанската платформа, зборуваат дека ние де факто сме окупирани и дека лошо ни се пишува“, предупредиува Маџунков во изјава за Нова Македонија.
Грчките функционери и медиуми, пак, деновиве информираа дека Заев го прифатил модусот „ерга омнес“.
„Блиску сме до решение за името Скопје, бидејќи Владата на Заев прифати ерга омнес – користење на новото име на државата за внатрешна и за надворешна употреба“, изјави во емисија за грчка ERT1 потпретседателот на Европскиот pарламент и шеф на еврогрупата на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис, пренесува грчкиот онлајн- весник Анатрофи.
„Откако македонската влада се согласи на тоа, патот за решение ќе се исполни преку меѓународен договор со кој ќе се зацврстат промените на Уставот на Македонија“, додаде Пападимулис. Климата за таканаречен позитивен тек во преговорите, шефот на еврогрупата на СИРИЗА Пападимулис ја потврди со изјавата дека „ПЈРМ треба да го отвори својот Устав пред да се приклучи на Европската унија.“