Кралицата Елизабета ќе биде погребана во понеделник навечер во Виндзор

Британската кралица Елизабета Втора ќе биде погребана во понеделник во 19,30 часот по локално време на приватна церемонија во капелата свет Георги во дворецот Виндзор, на западната периферија на Лондон, по државниот погреб утрото, објави во четвртокот Бакингемскиот дворец.

Во петокот вечерта, исто така во 19,30 часот по локално време, или 20,30 часот по средноевропско време, нејзините деца, вклучително и новиот британски крал Чарлс Трети, ќе се соберат на уште едно бдение крај нејзиниот ковчег кој е изложен во Вестминстерскиот дворец во Лондон.

Кралицата Елизабета Втора почина на 8-ми септември во кралската летна резиденција дворецот Балморал во шкотските планини на 96-годишна возраст, и стана најдолговечниот британски монарх со минати 70 години и 7 месеци на престолот.

Државниот погреб, првиот во Велика Британија по смртта на ткн воени премиер Винстон Черчил во 1965 година, ќе се одржи во 11 часот по локално време, или 12 часот по средноевропско време, во Вестминистерската опатија во присуство на 2.000 присутни, меѓу кои стотина странски челници и членови на кралските семејства.

Присутни ќе бидат и 200 лица кои кралицата ги одликувала во јуни годинава, во прв ред здравствени работници ангажирани во текот на пандемијата на Covid-19, објави кабинетот на премиерката Лиз Трас.

По државниот погреб, ковчегот ќе биде пренесен во капелата на свети Георги во дворецот Виндзор. Литургијата ќе биде одржана во 16 часот (17 часот по средноевропско време) во присуство на 800 лица, а самиот погреб е резервиран за најтесното семејство, без присуство на фотографи и камери,

Кралицата ќе почива во малата капела на кралот Џорџ Шести, каде се почиваат и нејзиниот татко и мајка, како и пепелта на нејзината сестра принцезата Маргарет. Таму ќе биде префрлен и ковчегот со нејзиниот сопруг принцот Филип, кој сега се наоѓа во кралската гробница.

Претходно во неделата Чарлс Трети ќе одржи прием за шефовите на држави и влади кои ќе допатуваат во Лондон на погребот на кралицата.