Крим не заспа и изминатата ноќ

И оваа ноќ автономната Република Крим не успеа да заспие. Руските сили веќе ја презеле контролата над Кримскиот полуостров, изјави портпаролот на Стејт департментот, Џен Псаки. Според украински медиуми, во моментов речиси целата зграда на украинската воена единица А4515, аеродромот Белбек, е под контрола на руските војници. Во текот на изминатата ноќ руските војници ја зазеле и воената единица број 2382 во Балаклава на Кримскиот полуостров .

Во врска со случувањата, американскиот државен секретар Џон Кери одлучи утре да го посети Киев, за да изрази поддршка кон новата преодна Влада на Украина.

Денес рано наутро на контролен пункт пристигнало воено возило КамАЗ и го блокирало влезот на управувањето. Во возилото се наоѓале 17 вооружени мажи во воена униформа. Тие инсистирале војниците од внатрешните сили на Украина да го предадат оружјето и да преминат под нивна заштита. Раководството на Кримската територијална команда одбило да го прифати овој предлог, бидејќи првично барања немаат правна основа, соопштуваат од министерството во Киев.

Обвинител на Украина, Олег Махницкиј соопштил дека во Автономна Република Крим се обидуваат да спостават нов обвинител, заобиколувајќи го законот.

Во моментов властите во Киев го разгледуваат прашањето за блокирање на границата. Другата опција е воведување на строги ограничувања за нејзиното преминување.

Во меѓувреме, Русија објави дека не сака војна со Украина. Претседателот Владимир Путин се согласи со предлогот на германската канцеларка Ангела Меркел за составувањето на истражна комисија, како и контакт група, евентуално под водство на ОБСЕ, за започнување на политички дијалог со Киев.