Кривичeн суд одлучува за барањата за притвор од СЈО

Во петокот и во сабота за барањата за определување на мерки за претпазливост и мерка притвор ќе одлучуваат судиите од кривичните совети, а рокот за прифаќање или одбивање на барањата за притвор е 24 часа. Со обвиненија се опфатени 94 лица и 7 фирми, а СЈО бара притвор за 18 обвинети и мерки на претпазливост, односно одземање на пасошите за 47 лица.

Обвинетите во овие предмети се товарат за дваесетина различни кривични дела. вклучувајќи злосторничко здружување, даночно затајување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања, повреда на избирачкото право и уништување на изборен материјал.

Во меѓувреме Основниот суд Скопје 1 Скопје ги објави имињата на судиите кои ќе постапуваат по обвиненијата кои Специјалното јаво обвинителство откако по прес-конференција во четвртокот му ги предаде на судот.

Судијката Лидија Петровска, чиешто име се спомнуваше и во прислушуваните разговори, а која го суди предметот за случајот „Тврдина 2” во кој на поранешниот началник на петтата управа Горан Грујовски и на уште шестмина вработени во УБК им се суди за уништувањето на документи поврзани со системите за незаконско прислушување. Од пред десетина дена таа го води и случајот „Транспортер” во кој меѓу обвинетите е и градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Петровска сега ќе го суди и случајот „Тарифа” за кој беше отворена истрага во јануари годинава, а кој седум лица се обвинети за злоупотреба на службената положба.

Судијата Ивица Стефановски беше претседател на Судскиот совет кој постапуваше во случајот „Монструм”, а пред неколку години го судеше и предметот „Керозин“ кој заврши со затворски казни.

За обвиненијата по предметите „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“ ќе решава судијката Моника Бахчовановска.

Предметот „Титаник 2” е доделен на судијката Верка Петковска која во моментов го води случајот „Диво Насеље”, а Горан Бошевски кој е втор судија во истиот предмет ќе ги суди „Трезор” и „Тенк”.

Судијката Татјана Михајлова, која е актуелна по судењето за насилството во општина Центар, во кој се опфатени поранешниот премиер Никола Груевски, на екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и на уште 12 лица, ќе постапува и во случаите „ТНТ” и „Траекторија”.

Од Основниот суд Скопје 1 за постапувањето на предметите на СЈО, соопштија дека распределбата е направена автоматски.