СВР Тетово соопшти дека полицијата од Гостивар до ОЈО Гостивар поднесе кривична пријава против Ѓ.Д. (46) поради основи на сомнение за сторени кривични дела „убиство“ и „убиство во обид“, казниви по член 123 ст.1 и член 123 вв член 19 од КЗ на РСМ. Пријавениот е лишен од слобода на 01.09.2019 во 5.40 часот по преземени мерки и активности од полициски службеници од ПС Гостивар.
-Пријавениот на 01.09.2019 после 3 часот во стан во зграда на ул. Илинденска во Гостивар со употреба на нож ја усмртил С.Т. (78) и се обидел да ги усмрти и С.Р. (54) и Б.Р. (60), поради наводен паричен долг од Б.Р. кон Ѓ.Д. По преземени мерки и активности, Ѓ.Д. е лишен од слобода од страна полициски службеници, стои во соопштението на СВР Тетово.
Претходно за случајот извести и Јавното обвинителство.
Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Гостивар, по завршениот увид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот закон. При увидот презеде низа дејствија во насока на расветлување на кривично правниот настан, издадени се наредби за прибирање на траги од лице место и нивно вештачење, фотографирање и скицирање на местото на настанот.
Настанот се случил утринава околу 4:00 часот, во станот на улицата „Илинденска” во Гостивар. Осомничениот, поради нерасчистени должничко доверителски односи, влегол во станот на оштетените каде ги затекнал сопругата на оштетениот и нејзината мајка. Со употреба на нож првин ја нападнал 78 годишната старица, а потоа и на оштетената и задал повеќе убодни рани. При излегување од станот го сретнал и го нападнал и оштетениот, по што избегал. Во својот дом тој ја фрлил облеката што ја носел и облекол пожарникарска униформа. Од страна на единицата при Министерството за внатрешни работи по неколку часа бил пронајден и лишен од слобода. Оштетените се пренесени во болница каде старицата починала од зададените убодни рани, а брачниот пар е надвор од животна опасност и по лекарските интервенции се задржани на болничко лекување. По наредба на јавен обвинител, телото на починатата 78 годишна жена е предадено на обдукција.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Гостивар во текот на денот ќе достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Oбвинителството продолжува со дејствија во насока на расчистување на случајот.