Кривична за Јанкулоска за злоупотреба на службената положба

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска е осомничена дека незаконски вработила во министерството сопруга на полициски функционер, а која немала соодветно образование, информираше МВР.

СВР Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово против Јанкулоска  поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, казниво по член 353 став 3 и став 5 од  Кривичниот законик на Република Македонија.

Г.Ј., поранешен министер за внатрешни работи на Република Македонија, во текот на 2012 година, во повеќе наврати, избегнувајќи ја законската регулатива за вработување на приправници во отворена и јавна постапка со објавување на јавен оглас, се обратила до Министерството за финансии со барање за обезбедување на финансиски средства за вработување на 70 лица-приправници со високо образование и 30 лица-приправници со средно образование. Притоа, во барањето посочила дека за пет работни места со високо образование ќе биде објавен јавен оглас, додека за 65 приправници со високо образование и 30 приправници со завршено средно образование вработувањето ќе се изврши без објавување на јавен оглас, со обезбедување на финансиски средства за бруто плата за 30 приправници со средно образование во висина од 15.028 денари по вработено лице, велат од МВР.

Според полицијата, Јанкулоска на 06.06.2012 година за работно место за кое е предвидено четиригодишно стручно образование, ја вработила сопругата на висок полициски функционер во МВР, иако имала несоодветно, односно тригодишно средно образование. Таа склучила и Договор за вработување, со целосен износ на месечна плата од 620 бодови, без внесена клаузула „приправник“.

На тој начин бил избегнат задолжителниот намален износ на исплата на месечна плата додека трае приправничкиот стаж, со што пријавената го оштетила МВР и буџетските средства во периодот од 06.06.2012 година досега во вкупен износ од 1.724.885 денари, велат од МВР.