„Кризата во Европа е добра“, смета Бил Гејтс

Кризата за снабдување и достапност на гас во Европа е всушност „добра на долг рок“, изјави ко-основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс за CNBC. Тој објасни дека тоа на крајот ќе го принуди континентот да ја прифати обновливата енергија, додавајќи дека „луѓето нема да сакаат да бидат зависни од рускиот природен гас“.

Гејтс призна дека јавноста „стана донекаде оптимист за тоа колку брзо може да се изврши транзицијата (на обновливата енергија)“, признавајќи ја потребата да се најдат „неруски извори на јаглеводороди“. Елаборирајќи го ова прашање, основачот на климатско ориентираниот фонд Breakthrough Energy Ventures објави есеј со наслов „Состојбата на енергетската транзиција“ на својот блог. Зборувајќи за глобалните емисии на стакленички гасови, Гејтс истакна дека крајната цел „од 51 милијарда тони годишно на нула“ треба да се постигне „во следните три децении“.

Милијардерот инсистираше на тоа дека не би било во ред да се „одземат сите пари од секторот (фосилни горива)“, бидејќи „со помош на тоа луѓето денес може да дојдат на работа и да избегнат замрзнување во зима“.

Сепак, рече тој, не може да се верува дека пазарите сами ќе се движат кон обновливите извори на енергија – „потребен е план за забрзување на процесот“.

Опишувајќи го својот план, тој рече дека треба да се измислат нови технологии за чиста енергија и да се зголемат на „фер“ начин што нема да ги остави зад себе земјите во развој. Ќе биде неопходно да им се помогне на луѓето да се прилагодат на новите околности со финансирање на индустрии како што е „науката за посеви“, во којаинвестираат Гејтс и неговата фондација.

ЕУ неодамна се согласи да ја намали побарувачката на гас за 15 отсто оваа зима „со цел да се подготви за можни прекини во испораките на гас од Русија“. Меѓутоа, на почетокот на овој месец, германскиот регулатор за природен гас откри дека земјата всушност користела 14,5 отсто повеќе гас во септември од петгодишниот просек, предупредувајќи дека недостигот е неизбежен доколку не ја намалат потрошувачката.