Кси порача дека ритамот на кинеските реформи нема да стагнира

Кинескиот претседател Кси Џинпинг во понеделникот во новогодишното обраќање рече дека ритамот на реформите во земјата нема да стагнира, како и дека Кина ќе ги отвори своите порти кон светот уште пошироко.

Во неколку наврати претходно Кси Џинпинг ветуваше дека ќе им даде поддршка на реформите во следната година во којашто Кина одбележува 40 години откако темелно го измени својот економски модел. Кинескиот претседател во говорот во понеделникот, кој го пренесуваа сите водечки државни медиуми, рече дека во 2018 година Кина спровела повеќе од стотина важни реформски мерки.

„Светот ја виде Кина чиишто реформи и отворање добија во брзината… Ритамот на нашите реформи нема да стагнира, а нашите порти ќе се отвораат уште посилно“, истакна во продолжение кинескиот претседател.

Кси, кој посебно не се осврна на трговската војна со САД, но истакна дека 2019 година ќе донесе за Кина „можности и предизвици“.

„Додека ги отвораме своите очи кон светот, се соочуваме со големи промени, промени коишто не се видени изминатите сто години… Без оглед на промените на меѓународен план, кинеската самодоверба и решителност во зачувување на националната сувереност и сигурноста нема да се променат… Кинеската искреност и добрата волја во зачувувањето на светскиот мир и промовирањето на заедничкиот развој нема да се промени“, порача Кси.

Во освртот на штотуку изминатата 2018 година, Кси оцени дека кинеската економија останала во рамките на „разумниот опсег“, и покрај различните ризици и предизвици.

Кина истакнува дека верува оти годинава ќе го достигне предвидениот раст од 6,5 отсто, кој е помал од растот од 6,9 отсто во претходната 2017-та, но очекува дека нејзината економија ќе го загуби натамошниот залет во текот на 2019 година. Светската банка, пак, предвидува дека кинескиот раст во 2019-та ќе забави на 6,2 отсто, што во глобални размери и натаму претставува сителн раст, и покрај фактот дека тоа би бил најслабиот раст на Кина во последните речиси 30 години.