Куртул!?!

Ова е репринт од колумна која сум ја напишал и објавил во еден весник во 2011 година. Можете да претпоставите за каква и колкава политичка криза се работеше тогаш… не? Не ви текиња? А1 телевизија? Сега? Секако! Хмм, требаше да ја објавам веднаш по затворањето на ТВ1, како една паралела за медиуми, рекет и криминал и секоја сличност да е „потполно“ случајна, но неодоливо и повеќе од тоа јасна. Заклучок и тогаш и денес, сивата еминенција (удбашка) сеуште ровари, а ние се занимаваме со кловновите кои беа медиумски експонирани, не дека помала им е вината, но најголемите се далеку од светлината на рефлекторите. Згора, некако преживеавме и непотребни карантини и сличи глупердини и пишкесиматерини и еве не’… не’ работат како бавчи само заради едно – глупи сме и плашливи – најлесни жиботињи за дресура и манипулација. Еве ја тогашната импресија, откако се слегна прашината, се’ се смири и тргна на лабаво… пишувам за олеснувањето после запек, лек во болен заб, мочање камен од бубрег, температура 37,4 (не знаат жените што е болка и страдање кога ние мажите ќе ја качиме оваа темпратура – отровница). Во тие денови партиските елдорадоси јуришаа да спасуваат (криминалец) кој се огрешил како и овој сега со рекетот во оваа судска драмолетка на апсурдот. Срамота ќе биде довека што сте бранеле и кого сте бранеле… нејсе… важно јас не ви чинев… ама јас будала, искрено се збори ли? Се иде ли со „крс на чело“ у дувло како нашево !?!?! Далеку сум јас од невинашче, но спрема моите извикани колеги – јас сум „дојенче“.

*****

Конечно пресијата попушти. Конечно се спушти политичкиот притисок, се намалија тензиите и може да се согледа реалната слика. Ама баш ништо не е како што медиумите ви го сервираа минатите, најмалку 6 месеци. Ниту благосостојбата е толкава, ниту кризата е толку голема… се’ беше само една виртуелно медиумско салто мортале. Просто не ми се верува, од оваа кратка дистанца согледувам со колкава количина на омраза, гадост и лаги бевме труени, се’ во името на партиските задачи, заради туѓо его, заради криминалот и криминалците, заради украденото и крадците, заради потписот кој го ставија… Фаустовски ликови сега се на улица, го чекаат… Годо? Бледи како посмртни маски, кои се во агонија и во потполна спротивност на убавото и сончево време, на сонцето кое изгреа на исток и месечината која следеше по него.

Ваков терор кој олку долго траеше просто е неверојатно, олку количина на омраза и гадост на трета јас не сум доживеал во својот живот. Гнасења и прозивки без причина и неиспровоцирани, во тотална зомби хистерија да се изеде жив противникот просто зазеде библиски пропорции. Но, конечно и тоа заврши. Олесни…

Како кога ќе исфрлите камен од бубрег, после месеци несносна болка која не можете да ја превиткате со рака, за која да ја преживеете ви е потребна силна дрога… но, откако причината за болката секна… нов светоглед на блаженост и тоа само затоа што нема болка, нема бодење во мекото, во болното, во небранетото… чувството на дишење со полни гради.

Уживам во овие мигови и се надевам дека никогаш нема да се повторат оние кои поминаа, иако тие кои ја предизвикаа се и натаму цврсто убедени дека само уште малку повеќе гадост да се посееше и ќе може да се нокаутира противникот. Се плашам само дека тие кои се осилија сега се убедени дека нагорниот пат е токму последица на огромните количини на лаги, спинови, извртени тези, шиканирања и прогони на се’ живо и диво и дека тоа е начинот до кој ќе се дојде до посакуваната цел. Но…

Но, условите никогаш нема да бидат исти како порано, ништо нема да биде како порано… уште ако се остварат прогнозите за економски раст… сосема поинакви умови и светоглед ќе имаме за некоја година. Затоа нечија цел повторно ќе биде најбргу што се може да има предвремени… но… никогаш нема да има олку негативна енергија која некој смета дека е начинот да се успее. Не можеш со злоба да бидеш победник, ниту да принудиш народ да те следи… народот сака победници но, чесни и позитивни луѓе. Утре секој може да и’ здодее на јавноста но, ретко кој ќе жнее успех затоа што го играл танцот на Мефистофолес на надгробната плоча прикривувајќи ја темнината. Има некој космички баланс кој го враќа во нормала нарушениот баланс, едноставно тоа е природата на универзумот, но и наша природа, да најдеш некаков еквилибриум, затоа што е најнормална работа да најдеш спокој, па и во најголемата мака, а камо ли за виртуелни работи наметнати од перилница на умови. А, таа перилница не делуваше Гебелсовски, туку повеќе како алтка на Менгеле, како инструмент за лоботомија.  Поголема количина на мрачен медиумски и НВО фашизам оваа земја не видела и во деновите на најтешките ропства и прогони.

Неколку години подоцна  – шарена револуција и се’ што мислевме дека е невозможно – се дигна на Н-та… заслужено или не… ќе покаже времето, но знам дека полошо – може, секогаш може. Јас будала, си мислев ако економски оди подобро – народот посреќен… заборавив на Анте Марковиќ, кога не’ натафира со пари и што направивме – распад со крв до колена… стока сме ние сите на Балканот.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес