Лацио го освои италијанскиот куп

ANSA/PAOLO MAGNI

Фудбалерите на римски Лацио се победници во националниот куп, откако во финалето како домаќини на „Олимпико“ ја победија Аталанта со 2:0.

„Небесносините“ поведоа со погодокот кој со глава во 82 минута го постигна Србинот Сергеј Милинковиќ-Савиќ, и тоа само три минути откако влезе во игра како резервен играч. Во 90 минута Аргентинецот Карлос Жоакин Кореа од соло продор ги постави конечните 2:0.

За Лацио во десетте финални соочувања во историјата ова е седмата тутула во Купот, а прва по 2013 година. За Аталанта, пак, ова беше четвртиот настап во финалето на Купот, а единствениот трофеј го освоила во 1963 година, додека во 1987 и во 1996 година беше поразена од Наполи, односно од Фиорентина.

Пред точно десет дена во средбата од 35-то коло од италијанското фудбалско првенство Аталанта во Рим го совлада Лацио со 3:1 освојувајќи три важни бодови во борбата за настап во Лигата на шампионите следната сезона. На две кола до крајот тимот од Бергамо е на четвртото место со три бода предбност пред петтиот Милан и шестата Рома кој го ловат четвртокот место. Лацио е на осмото место со 58 бодови, четири помалку од позицијата шест која води во квалификациите за Лига Европа.