Лајм: Пендаровски му ја влепи првата шлаканица на ДУИ

Именувањето на Ерол Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање се смета за силна „шлаканица” од страна на претседателот Стево Пендаровски за ДУИ, велат партиски извори за весникот Лајм.

Се потсетува дека Муслиу бил споменуван во 2011 година како потенцијален кандидат за директор на Агенцијата, кога претседател беше Ѓорге Иванов, но тогаш силно реагираше ДУИ оценувајќи го како несоодветен кадар. Но, сега Иванов веќе не е претседател и очигледно влијанието на ДУИ во претседателството е многу послабо, пишува Лајм во средата.

Натаму во написот се презентира реакцијата на ДУИ од 2011 година против Еролд Муслиу. Од весникот Лајм се обиделе да контактираат претставници на коалицискиот партнер во власта, но од ДУИ засега нема некаква реакција во врска со назначувањето на Мусли како директор на Агенцијата за разузнавање.

„Високи извори во ДУИ денес за Алсат-М изјавија дека со сите сили ќе се спротивстават на евентуалната намера на претседателот на чело на Агенцијата за разузнавање да го постави Ерол Муслиу. Според партијата на Ахмети на оваа позиција треба да биде именувана личност која има кредибилитет а не личности како Ерол Муслиу. Актуелниот директор на Агенцијата за разузнавање има уште две ипол години мандат и нема никаква процедура за негово разрешување и назначување на некое друго лице. Ако евентуално дојде до промена на директорот на Агенцијата, воопшто не може да стане збор за директор на оваа институција да биде Ерол Муслиу. Таму треба да биде назначен некој со кредибилитет а не некој кој учествувал во фалсификување на досијеа или производство на фалсификувани документи“, се наведува во реакцијата која се цитира.