Кире Лазаров делуваше присебно по средбата, поголем од емоциите, кои се неизбежни по еден ваков натпревар и само им честита на ракометарите за сето она што го одиграа добро.
„Им честитав на момците за борбата, за испочитуваното, за она што го направивме и што го одигравме. Треба да бидеме задоволни, никој не очекуваше дека во некој момент ќе водиме со 17-10. Игравме како по ноти и во одбрана и во напад, но на крај ни се случи пад, којшто ќе не држи многу будни. Јас знам дека можеби и малку ги изненадивме, но знам и дека на реваншот ќе се подготват добро и нема да биде воопшто лесно. Иако имаме добар резултат, позитивен, никогаш сме немале ваков во еден бараж натпревар. Меѓутоа жалам што не победивме, барем, еден гол разлика, мислам дека заслуживме“, коментира Лазаров.
Заслуживме без дискусија со играта до 50. минута, кога водевме со 22-16, но потоа падна и нашиот напад и одбраната. Причина за тоа?
„Едноставно не знаевме да го приведеме натпреварот до крај, промашивме и зицери, изработени. Тежок натпревар за играње, Чешка е габаритна екипа, физички доста потрошувачки натпревар, па ќе треба добро да се одбориме. Меѓутоа, ова де ми го нудеше некој пред натпревар јас ќе го прифатев со две раце, затоа што ја репсектираме Чешка и Сабате како тренер. Сум задоволен, иако малку имам горчлив вкус, па особено кога ќе го гледам натпреварот. Жал ми е што не знаеме да се израдуваме на ова и што се тажни, но ако се тажни, тоа покажува дека сакаат да победат и тоа ќе не држи будни. Сепак, треба да знаеме дека в недела ќе победи колективот. Треба да имаме добра ротација, квалитетна, да ја почитуваме и само така можеме да направиме добар резултат против една силна европска репрезентација како што е Чешка.“, додаде селекторот.
Колку и да се тажни момците, без сомнеж како херои ќе бидат поздравени в недела во „Борис Трајковски“, во реваншот, кога ќе имаме задача само да победиме за да се пласираме на СП.
„Во Скопје публиката да ни биде ветер во грб, да покажеме кој е најдобар и кој што може. И мене овој резултат ќе ме држи малку буден, мислам дека ќе одигреме квалитетен, машки ракомет, дека ќе бидеме уште поагилни и поцврсти за да се пласираме на Светско првенство. Имаме оценка која поминува за денеска и морам да бидам задоволен“, додаде Лазаров.