Ле Дриан во Каиро порача дека Франција длабоко го почитува исламот

Франција „длабоко го почитува исламот“, рече во неделата во египетската престолнина Каиро францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан заземајќи се за смирување на ситуацијата со муслиманскиот свет поради француското бранење на објавувњето на карикатурите на пророкот Мухамед како темелно право на демократијата и слободата на изразувањето.

„Ние го имаме првото начело кое е највисокото почитување на исламот. Исто така, сакам да кажам дека муслиманите потполно се дел од општеството во Франција“, рече Ле Драин за новинарите во Каиро.

„Втората порака е дека сме соочени со заканата од тероризмот, од фанатизмот, на нашата почва но и на други места, и ова е заедничка борба“, истакна шефот на француската дипломатија.

Ле Дриан рече и дека „дојдов да ја објаснам, ако е потребно, оваа борба, како и борбата за почитувњето на слободата на убедувањето“.

Ле Дриан два и пол часа разговарал со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и потоа и со колегата по должност Самех Шукри. Неговата посета на Египет доаѓа кусо по контроверзиите поради објавувањата на карикатурите на пророко Мухамед и џахадистичките убиствени напади во Франција поради тоа.

Францускиот претедател Емануел Макрон ја бранеше слободата на изразувањето, вклучително и објавувањето на карикатурите кои се сметаат за навреда во исламскиот свет, и вети дека нема да отстапи од практиката тие слободно да се објавуваат во текот на церемонијата на оддавање почест на средношколскиот професор по историја Самуел Пати кој беше среде бел ден обезглавен од 18-годишен ученик во близина на Париз токму поради тоа што на училишен час зборувајќи за слободата на говорот ги покажал карикатурите на Пророкот.

Во арапските и муслимански земји ширум светот изјавата на Макрон беше дочекана со жестоки изливи на гнев, со закани, масовни повеќедневни протести и повик на бојкот на француските производи.

Ле Дриан, исто така, се сретна и со Големиот имам на влијателниот исламски универзитет Ал-Азар, Ахмед ал-Тајеб, кој остро ја критикуваше Франција по изјавите на Макрон и ги спореди ставовите на Париз со „повик на омраза“.

На почетокот од октомври, во соопштение од универзитетот Ал-Азар како „расистички“ беше оценет говорот на Макрон против исламистичкиот сепаратизам во Франција. Во неделата имамот ал-Тајеб повторно ги критикуваше француските ставови за одбрана на слободата на изразувањето.

„Навредувањето на Пророкот е целосно неприфатливо и на меѓународните судови ќе го пријавиме секое непочитување на нашиот Пророк“, напиша споменатата верска институција во соопштението по повод посетата на Каиро на шефот на француската дипломатија.

Ле Дриан по разговорот со имамот ал-Тајеб призна дека постојат „многу точки на несогласување“. Големиот имам предложил „заедничка работа на усогласување, бидејќи заедно мораме да се бориме против фанатизмот“, додаде.

Францускиот министер за надворешни работи по Египет заминува во псоета на Мароко, каде што во понеделник ќе разговара со неколку високи функционери на оваа северноафриканска муслиманска монархија.