Членовите на работната група составена од стручни советници на премиерот, претставници на ФЗОРСМ, Министерството за здравство, од фармацевтската индустрија како и од Асоцијацијата за цистична фиброза, денеска ги дефинираа Предлог – законските одредби за набавка на сите лекови од овој тип, вклучително и лекот „Трикафта”, соопшти владината прес служба.
– Откако експертите на денешниот состанокот ги образложија своите ставови во однос на Предлог – измените, брзо ги усогласија предлог-одредбите за законот за лекови и медицински средства и за законот за здравствено осигурување, со што се прецизира видот на постапката која треба да се спроведува, врз основа на склучени посебни договори за набавка на лекот, а со кои ќе се обезбедат поповолни цени – наведуваат од Владата и додаваат дека со ова, државата ќе може преку директни преговори со производителот на лекот да ја набавува потребната терапија за пациентите кои боледуваат од цистична фиброза.