Челничката на француската крајна десница Национален фронт, Марин Лепен, тврдеше во вторникот дека таа подобро ќе ги штити француските национални интереси од својот ривал во вториот круг од претседателските избори, проевропскиот центрист Емануел Макрон, во „новиот свет“ на американскиот и на рускиот претседател, односно Доналд Трамп и Владимир Путин.
Марин Лепен, којашто ја критикува „дивата и неконтролирана глобализација“, се надева дека ќе ги исползува националистичките и антиестаблишменски чувства кои изненадувачки во Белата куќа го донесоа Доналд Трамп и ги поттикна Британците да го изгласаат истапувањето од Европската унија, за да стане првата претседателка во историјата на Франција.
За Емануел Макрон, поранешен инвестициски банкар кој лани летото ја напушти владата на социјалистичкиот претседател Франсоа Оланд за да се кандидира самиот за претседател основајќи го центристичкото движење Напред, Лепен вели дека е марионета на банките и елитата. Тој ѝ возвраќа дека е демагог и наследничка израсната во дворец која нема никакво искуство освен десничарската политика.
„Мислам дека сум најдобрата личност за разговор со тој нов свет што се појавува, да разговарам со Русија на Путин, со САД на Трамп, со Велика Британија на премиерката Меј… со Индија на премиерот Моди“, вели Лепен во интервјуто за Reuters правено во седиштето на нејзината кампања.
Лепен е уверена во тоа „бидејќи сите тие земји, повеќе или помалку, ѝ го вртат грбот на идеологијата на слободната трговија, пазарното натпреварување и поткопувањето на социјалната заштита“. „Оттаму чувствувам многу повеќе блискост со нивната политичка филозофија отколку со онаа Меркел“, додава.
На прашањето што мисли за пречките со коишто Трамп се соочи во првите сто дена од неговото владеење, вклучително и неуспешниот обид да ја отповика програмата за здравствена заштита на својот демократски претходник Барак Обама, Лепен вели: „Тоа покажува дека естаблишментот постои и се обидува да се бори против демократскиот избор на народот. Можете да видите дека дел од системот се обединил да го запре Доналд Трамп во спроведувањето на мерките коишто ги избра народот“.
Лепен, исто така, вели дека не верува дека Трамп сака да ги намали правата на жените, одговарајќи на таквото прашање.