Првата сабота во август, кога европските туристи се враќаат од летниот одмор во јули додека другите на почетокот од август допрва тргуваат кон југот во потрага по сонцето, е најпрометниот ден на најфреквентната бензинска црпка во Европа.
Дури ниту растечките цени на горивата не ги одвратија десетиците илјади возачи на автомобили, мотоцикли и камиони да ги наполнат резервоарите со гориво на бензинската црпка на „Shell“ во Берхем во јужен Луксембург, на преполниот автопат А3.
Големото Војводство е можеби мало, но лежи на раскрсницата меѓу Белгија, Германија и Холандија и правецот кон југ, на сончевите плажи во Франција, Италија и Шпанија. И, што е најважно, во летото одбележано со растот на цените, горивото таму е поевтино што бензинската црпка на „Shell“ во Берхем ја прави најпосакуваната за возачите на камионите и семејствата кои внимателно го штедат домашниот буџет.
Дури и вон празничните гужви, француските и германските возачи и прекуграничните работници често ги полнат своите резервоари со горива во Луксембург. Кога семејната летна дестинација е на Средоземјето, а полн резервоар чини повеќе од 100 евра, се пресметуваат заштедите.
Во саботата две цистерни со капацитет од 40.000 литри гориво беа подготвени да опслужат 16 до 20 повратни патувања дневно, за да бензинските и дизелските црпки да можат да работат нон-стоп, подготвени за непрегледната колона кампери кои се насобраа на големото паркиралиште.
На почетокот од годинава, поради војната во Украина и тешкотиите во глобалните синџири за снабдување по пандемијата на коронавирусот, скокнаа цените на горивата, а нафтените гиганти остварија големи заработки. Сега цените помалку паѓаат а владите прибегнаа на субвенции, па Франција ја намали цената на горивата на бензинските станици за 18 евроценти, а до септември намалувањето ќе изнесува 30 евроценти.
Екипата на AFP во саботата литар бензин во Брисел ја платила 1,79 евра, со просечна цена во Белгија од 1,867 евра за литар. Во луксембуршки Берхем, меѓутоа, чини 1,63 евра и на возачите од речиси цела Европа не им пречи што мора да чекаат во редови. Возачите на камиони на оваа станица ги има и од далечните Кипар, Полска и Ирска.
„Ова е совршена локација среде Европа и поволните цени ни даваат предност“, рекол Даниел Калдерон, шеф на најголемата бензинска станица на „Shell“. Додава дека гужвите не влијаеле врз расположението на веселите возачи кои по две години пандемиски рестрикции одвај го дочекаа летниот одмор.