Летово се можни дигиталните зелени сертификати, ЕП ја забрзува постапката

Мнозинството европратеници вчера изразија поддршка за брзо воспоставување на дигиталниот зелен сертификат, што за цел го има олеснувањето на слободно и безбедно движење во Европската унија за време на пандемијата.

Европратениците одлучија да го забрзаат процесот на одобрување на зелени дигитални сертификати, за да може да бидат прифатени до летово, што ќе овозможи безбедно и слободно движење за време на пандемијата, соопшти ЕП.

Со 468 гласа „за“, 203 „против“ и 16 воздржани, пратениците вчера гласаа за итната постапка што овозможува побрзо парламентарно испитување на предлогот на Европската комисија, притоа целосно почитувајќи ги демократските овластувања.

На пленарната расправа во средата, мнозинството пратеници изразија поддршка за брзото воспоставување на дигитален зелен сертификат. Неколку говорници ја истакнаа потребата да се обезбеди силна заштита на личните и здравствените податоци и предупредија дека не треба да има дискриминација кон луѓето кои не биле вакцинирани, наведува ЕП.

Европската комисија на 17 март презентираше предлог-регулатива за дигиталниот зелен сертификат за олеснување на слободното движење во ЕУ и придружен предлог за државјаните на трети земји кои легално престојуваат во ЕУ.

Следната пленарна сесија, што ќе се одржи од 26 до 29 април, ќе ја прифати позицијата на ЕП за преговори со Советот на ЕУ, што може да вклучува измени и дополнувања на предлогот на ЕК.