Левица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело „Кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“, предвидено и казниво по член 235 – а од Кривичен законик против непознат сторител од Општина Арачиново.
Според ЕВН Хоум, во општина Арачиново нема струја поради дефект од оптоварување на трафостаниците, кое е настанато поради незаконско користење струја од страна на некои жители.
Министерот за економија Бектеши тогаш наведе дека загубите на струја во Арачиново се дури и до 80 отсто, поради диво приклучување на мрежите.
Во ек на светската енергетска криза, недозволиво е одреден број на жители да не ги подмируваат сметките, на штета на оние кои уредно тоа го прават – ниту пак жителите на општината кои совесно ја извршуваат оваа обврска да се соочуваат со потенцијално исклучување поради оние кои не го прават тоа.
Обвинителството да не чека дозвола од ДУИ и СДС да постапи!
Левица ја поднесе оваа кривична пријава за кражба на струја до ОЈО Скопје, кое како овластен орган по службена должност треба да постапи со цел спречување на вакви казниви дела и казнување на нивните сторители.
Со ова несовесно и незаконско постапување од страна на одредени жители од Арачиново, односно со диво приклучување на електричната мрежа, загубите ги покриваат совесните граѓани, кои ја плаќаат струјата и поради тоа добиваат високи сметки во период на огромна инфлација.