Руското министерство за одбрана објави во понеделникот дека во борбите во Украина е ликвидирана група грузиски платеници, кои учествувале во брутални тортури и свирепи егзекуции на заробени руски војници во Украина.
Се истакнува дека руските единици успеале изминатата ноќ лоцирале две диверзантско-разузнавачки групи составен од 14 странци, и ги елиминирале во борбите на три километра од рафинеријата за нафта крај Лисичанск, последниот град од доминантно руската сепаратистичка источна украинска област Луганск.
„Првата група беше ‘интернационална’ и се состоеше од државјани на различни европски земји. Во втората беа вклучени само платеници од Грузија коишто беа дел од таканаречената Грузиска легија“, соопштија од министерството за одбрана во Москва.
Истакнуваат и дека во редовите на оваа паравоена формација вклучена кон украинските сили главно се борат осудени криминалци. Од друга страна, во западните медиуми, може да се сретнат податоци дека во Украина на страната на силите на Киев дејствуваат стотици активни војници од Грузија, кои добиваат статус на редовни украински војници.
Кон средината на април, украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко, во видеопорака со поранешниот потпретседател на парламентот на Грузија, Георги Барамидзе, објавија дека во Украина пристигнале околу 400 грузиски борци.
Ликвидираните платеници од Грузија, според руското министерство за одбрана, биле вклучени во „бруталните измачувања и егзекуции на руските војници кај Киев во март годинава“.
„Поседуваме информации за секој платеник вмешан во мачења и убиства на нашите војници. Ги пронајдовме и ги казнивме“, порачаа од Москва.