Лил славеше на „Паркот на принцевите“ првпат по 1996-та

(AP Photo/Christophe Ena)

Во дербито на 31-то коло на француското фудбалско првенство Лил со минимални 1:0 славеше на теренот на актуелниот шампион Пари Сен Жермен преземајќи го водството на табелата.

Победоносниот погодок го постигна Канаѓанецот Џонатан Дјвид кој ја затресе мрежата во 20 минута. Гостите во продолжението на мечот многу добро се бранеа и се закануваа од ретките но опасни противнапади. ПСЖ имаше доминација во поседот и во вкупниот број удари кон голот, но малку од нив претставуваа сериозна закана. Најблиску до погодок беше Килијан Мбапе во 15 минута, но неговиот удар од десетина метри беше одлично одбранет од гостинскиот голман Мајк Мењан.

Во 90 минута двата тима останаа со играч помалку. Поради меѓусебно кошкање втор жолт картон им беше покажан на бразилскиот напаѓач во ПСЖ Нејмар и на португалскиот бек на Лил Тиаго Џала.

Бекот на ПСЖ Марињос го одигра 200-от меч првенствен меч за клубот, а поради зараза со коронавирусот дуелот го пропушти италијанскиот стопер Марко Верати.

ПСЖ го доживеа првиот пораз од Лил на допшане терен по 22 натпревари, последниот пат Лил славеше во Париз во април 1996 година.

Лил ја презема првата позиција на табелата со 66 бодови, три повеќе од ПСЖ.

 

Во последниот саботен меч Ленс и Лион земаа по еден бод ремизирајќи со резултат 1:1.

Жонатан Клаус во 65 минута го доведе Ленс во водство, а во 81 монута бодот на гостите им го донесе Лукас Паквета. Во 90 минута Лион остана и со играч помалку, откако директен црвен картон поради опасен старт заработи Илсма Слимани.

Лион со победа можеше бодовно да се израмни со до вечерва водечкиот ПСЖ, но сега со 61 бод остана на четвртото место зад Лил, ПСЖ и Монако кој има 62 бода. Ленс со 49 бодови е на петтото место.

 

На отворањето на саботната програма Монако го победи Мец со 4:0. Мец успеа во првото полувреме да ја сочува својата мрежа, но потоа стрелците на тимот од Кнежевството беа прецизни: Сеск Фабрегас од пенал во 50, Кевин Воланд во 52, Висам Бен Једер во 77 и во 89 минута од пенал. Мец во 88 минута остана без исклчениот Џон Бој, а во моментов е деветти на табелата со 42 бодови.