Велика Британија и Европската унија сѐ уште се оддалечени во трговските преговори меѓу двете страни по конечното раздружување, но британскиот премиер Борис Џонсон сѐ уште не сака да се откаже, соопшти неговиот министер за економија Алок Шарма во понеделникот.
Лондон и Брисел во неделата се договориле дека следните денови „дополнително ќе се потрудат“ да постигнат трговски договор, и покрај тоа што го пропуштија претходно зададениот краен рок да спречат турбулентно раздружување на крајот од годинава.
„Ќе продолжиме да преговараме, секако оддалечени сме во некои прашања, но како што рече премиерот, не сакаме да ги напуштиме овие преговори. Луѓето очекуваат од нас, компаниите во Велика Британија очекуваат да направиме дополнителни чекори и токму тоа го правиме“, изјави Шарма за телевизијата Sky News.
Британскиот премиер Борис Џонсон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на преговарачите им ја одредија неделата како конечен термин за да најдат начин да го пронајдат излезот од ќорсокакот во преговорите кој на Лондон ќе му гарантира нулата царински и нулта квотен пристап до заедничкиот пазар на ЕУ.
„Секој договор кој ќе го постигнеме со ЕУ мора да го почитува фактот дека сме суверена земја, независна земја, и тоа е основата на којашто ќе го склучиме договорот, ако договор може да се постигне“, додаде Шарма.
Во неделата Џонсон и фон дер Лејен ги овластија преговарачите да продолжат со работата, иако спорд оцените на набљудувачите, британскиот премиер звучел песимистички во врска со шансите за напредок во преговорите.
Џонсон притоа рече дека Лондон и Брисел се многу оддалечени по клучните прашања во преговорите, така што треба да се биде подготвен за конечното раздружување на 31-ви декември без договор.
„Стравувам дека сѐ уште сме многу оддалечени во некои клучни работи, но додека има живот има и надеж, продолжуваме со преговорите да видиме што можеме да сториме. Обединетото Кралство сигурно нема да ги напушти преговорите“, изјави Џонсон за медиумите.
Додаде дека договорот може да биде постигнат доколку ЕУ го сака, но и дека разијдувањето без трговска спогодба е најверојатниот исход.
Преговарачот на Европската унија, Мишел Барние, пак, во понеделникот изјави дека постигнување договор, сепак, е возможно.
„Ќе му ја дадеме секоја шанса на овој договор… кој сѐ уште е возможен. Добра, урамнотежена спогодба“, изјави Барние за новинарите по доаѓањето на состанокот со претставниците на 27-те земји членки кои треба да ги извести за ситуацијата со преговорите со Лондон.
„Два услова сѐ уште не се исполнети. Слободната и фер конкуренција на пазарот… и договорот кој гарантира реципрочен режим на пазарите и (територијалните) води. На тие точки не пронајдовме вистинска рамнотежа со Британците. Па, продолжуваме да работиме“, додаде Барние.
Доколку не биде постигнат трговскиот договор за идните односи, Обединетото Кралство од следната година со Европската унија ќе тргува според правилата на Светската трговска организација (СТО – WTO), што значи воведување нови царини.
„Нашите преговарачки тимови последните денови работеа деноноќно. И покрај исцрпеноста по речиси една година преговарања, и покрај фактот дека крајните рокови неколкупати беа пречекорувани, сметаме дека е разумно во овој момент да се стори дополнителен наппор. Ги овластивме нашите преговарачи да ги продолжат преговорите за да видиме дали договор е можен, дури и во некоја подоцнежна фаза“, порача во неделата вечерта во заедничкото соопштение фон дер Лејен и Џонсон по нивниот телефонски разговор.
Клучните области на несогласување се рибарењето во британските води, пазарните услови во кои за британските копмпании ќе важат прописите на ЕУ и решавањето на идните меѓусебни спорови.
Но времето истекува. Па дури и ако биде постигнат договор, ќе биде потребно дополнително време тој да биде ратификуван пред да истеше преодниот период во кој Велика Британија сѐ уште е дел од внатрешниот пазар на ЕУ и нејзината царинска унија. Преодниот период истекува на 31-ви декември на полноќ.