Лондон сака да формира коалиција за предавање авиони „F-16“ на Украина

Лондон сака да воспостави „меѓународна коалиција“ за да ѝ помогне на Украина да добие борбени авиони „F-16“ од американски производство, соопшти Даунинг стрит во вторникот по средбата на британскиот премиер Риши Сунак и неговиот холандски колега по должност Марк Руте.

Двајцата премиери се сретнаа на маргините на самитот на Советот на Европа на Исланд и „се согласија да работат заедно на воспоставувањето меѓународна коалиција за на Украина да ѝ овозможат борбени воздухопловни способности…, од обука до испораки на авиони F-16“, се наведува во соопштението на британската влада.

На челниците на самитот во Рејкјавик преку видео-врска им се обрати и украинскиот претседател Володомир Зеленски.

„Им се заблагодарувам на сите земји и челници кои ни помагаат да ја подобриме нашата воздушна одбрана. Покажуваме што значи сто отсто и што значи моќта на слободниот свет“, рече Зеленски кои претходно се сретна во Лондон со Сунак.

Советот на Европа е основан во 1949 година и сега има 46 земји членки и е осмислен како „чувар на демократијата, човековите права и владеењето на правото“ на континентот.

Членството на Русија беше прво суспендирано во март па откако Москва објави дека се повлекува од Советот на Европа, беше и исклучена поради нејзината инвазија во Украина од крајот на февруари 2022 година. Белорусија, којашто е во сојуз и тесно соработува со Русија, на самитот е застапена само како набљудувач.

Во вторникот челниците на земјите во Советот на Европа покренаа „регистар на штетата“ предизвикана од руската инвазија во Украина, чија цел е да се најде начин како да се компензираат штетите со запленетите руски средства, што е ограничено со заедничките и националните права.