Мајорка ја елиминира од Купот на Шпанија најголемата сензација

Екипата на Мајорка се пласира во полуфиналето во Купот на Шпанија, откако вечерва на домаше го елиминираше најголемото изненадување сезонава во Ла Лига, тимот на Жирона (3-2).

Домаќинот неочекувано лесно речиси целата задача ја реши уште во првото полувреме, во кое дојде до водство со 3-0 и тоа со голот на Ларин и двата на Абдон Пратс. Гостите намалија од пенал преку Стуани во 68. минута, веднаш откако Мајорка остана со играч помалку и тоа поради глупоста на Ралило, кој во иста минута доби два жолти картони. Жирона без разлика на играчката надмоќност вториот гол го постигна дури во 96. минута, поради што драмата во финишот траеше кратко.

На трибините на стадионот во Мајорка беше и славниот тенисер Рафаел Надал, кој ја прослави победата на тимот од неговото родно место. Вечерва за место во полуфиналето играат Атлетик Билбао и Барселона.