Македонија доби помош од 80 милиони евра од ЕУ за борба со Ковид-19

Европската Комисија денеска потпиша Меморандум за разбирање со С. Македонија со цел отворање на патот за исплата на макрофинансиска помош од 80 милиони евра.

Ова е прв меморандум за разбирање, потпишан како дел од пакетот од 3 милијарди евра, што Комисијата го предложи за десет нејзини партнерски земји, соседни но и кандидати во процесот на проширување, а се со цел излез од економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот.

Како што информира Европска Комисија, овие средства ќе бидат достапни во форма на долгорочни заеми по многу поволни услови.

Средствата ќе придонесат за подобрување на макроекономската стабилност и создавање простор за распределување ресурси за ублажување на сериозните негативни социо-економски последици од пандемијата на коронавирус, информира ЕК.

Програмата за Македонија е во вредност од 160 милиони евра.

-Денеска потпишавме Меморандум за разбирање со С. Македонија, отворајќи го патот за исплата на финансиска поддршка од 80 милиони евра, истакна комесарот за економија, Паоло Џентилони.

Одлуката за давање макрофинансиска помош на десетте земји во контекст на справување со пандемијата КОВИД-19 беше предложена од Комисијата на 22 април, и донесена од ко-законодавците на 25 мај 2020 година.