Македонија отвора амбасада во Словачка, како благодарност за блокадата на бугарското вето

Македонија ќе отвори амбасада во Словачка, решила нашата Влада на предлог на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Одлуката за отворање на амбасадата, во ситуација кога дипломатската мрежа и без неа е преширока за финансиската моќ на Македонија, е очигледно благодарност кон оваа земја за блокадата на ветото на Бугарија во ЕУ. Османи отворањето на амбасадата го образложи со потребата да се развие економската соработка со оваа земја која досега е далеку под можностите на едната и другата држава.

Ова е резултатот од денешната посета на словачкиот шеф на дипломатијата Иван Корчок, кој ја избра Македонија како прва земја во рамките на својата балканска турнеја. Со себе, како што оцени министерот Османи, како секој добар пријател, донесе хуманитарна помош за епидемијата, поточно четири високотехнолошки медицински вентилатори. Притоа Османи нагласи дека во Македонија искрено се цени ангажманот и упорноста на Братислава да и помогне на земјата во евроинтегративниот процес. Тоа, пак, што ја почна турнејата од нашата земја, го гледаше како сигнал за поддршка во овие комплицирани моменти, кога ЕУ не оформи консензус за почеток на преговори.

-Ова влева оптимизам кај сите прогресивни сили во земјата и го одржува европскиот кредибилитет околу процесот на проширувањето на ЕУ, порача Османи на прес конференцијата со Корчок.

– Поддршката од Словачка е јасна, недвосмислена и принципиелна. Северна Македонија заслужи почеток на преговори, за што има одлука донесена со консензус во март минатата година. Можам да се согласам дека не треба во ЕУ да внесуваме недоразбирања, но во исто време објективен е впечатокот кој се создава и кај нас и кај останатите земји во регионот дека процесот на интеграција станува непредвидлив, нејасен или попрецизно е вид подвижна мета која не наградува според учинок туку според актуелните политички околности, додаде  Османи.

Османи уверуваше дека Владата го прифатила предлогот за отворање амбасада во Братислава не само како симболика, туку како суштински придонес и засилување на нашето пријателство.

Словачкиот министер за надворешни работи Корчок ја истакна поддршката што оваа земја ја дава за почеток на преговори со ЕУ изразувајќи надеж дека членките ќе постигнат консензус за време на португалското претседателство  Корчок исто така кажа дека отворањето на македонска амбасада во Братислава ќе значи унапредување на односите помеѓу двете земји, не само на политички туку и на економски план.

-Ја почнувам турнејата низ регионот од Скопје. Новата словачка влада е решена да ве подржи на патот кон ЕУ. Се заблагодарувам за уверувањето на Бујар дека ќе ја помогне економската соработка.

Ве подржуваме поради две причини: Прво тоа е ваш избор. Словачка е веќе 16 години земја членка и се смени оттогаш многу и на подобро. Ве охрабрувам да продолжите со реформите зошто тоа е најдобар избор, и не го правите тоа за бирократијата во Брисел, туку за  вашите граѓани, рече Корчок. Втора причина, според него, е што нашиот прием во Унијата е и нивен интерес.