Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска излезе со информација дека Владата се соочувала со финансиска криза и пред појавата на пандемијата со Ковид-19, односно, уште во првите два месеци бил направен буџетски дефицит од 70 милиони евра.
За тоа време е направено ново задолжување од 250 милиони евра за да се покрие изборната корупција. Лошата кондиција на буџетот, Мицкоски ја објаснува и со кревањето плати за корумпирање целни групи, енормното зголемување на бројот на договорни вработувања, без раст кој тоа би го покрил.
Од друга страна, една од мерките за штедење којашто ја предложи претстедателот на СДСМ, Зоран Заев, е линеарно намалување на платите на вработените во јавниот сектор и тие да изнесуваат 14.500 денари. Оваа мерка која упорно се обидуваат да ја оправдаат функционерите на Заев, наиде на жестоки реакции, како од граѓаните, така и од сите релевантни синдикати, па и од речиси сите останати политички партии.
Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, посочи дека намалувањето на платите е всушност превентивина мерка, за подоцна да можеме побрзо да ја вратиме економијата во форма.
Тој дури ја доведе во прашање и исплатата на платите на административците, повикувајќи се на моментот на солидарност во кризата предизвиката од состојбите со коронавирусот.
За алармантната состојба на буџетот, за кој само пред две недели власта тврдеше дека е во добра состојба, ликвиден и ги сервисира потребите, освен што упатуваше опозицијата, сега дури и првиот човек на СДСМ, па и поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, велат дека сепак има буџетска дупка од 2 милијарди евра и можеби нема да има ниту за плати во јавниот сектор?!
„Доколку не се направи брзо задолжување и доколку не се обезбедат финансиски средства за покривање на дупките во буџетот ќе дојде до прашање можноста дали воопшто ќе се поделат плати, а не колкави ќе бидат тие“, истакна вчера Анѓушев во ТВ гостување.
Од ВМРО-ДПМНЕ, денеска излегоа јавно со повик со власта да ги разгледа мерките кои тие ги предложуваат за тоа како да се слеат 1 милијарда 200 милиони евра во државниот буџет без притоа да се кратат плати и да се удира по бизнисот и работниците.
„Покрај задолжување кое е отпочнато, а владата бара 400 милиони евра како заем од банките и заемодавателите и останати околу 200 милиони од ММФ и Светската банка, доколку успешно се реализираат средствата би биле достапни за бизнисот и за граѓаните некаде во првата половина на мај. Потоа треба благајничките записи кои што релизираат од прилика 25 милијарди и 200 милиони денари средства ликвидност на банките во Народната банка, веднаш да бидат откажани за месеците кои што следат и наместо тие благајнички записи да бидат запишани државни хартии од вредност кои што ќе ги издаде министерството за финансии и ќе имаат рок од еден месец и така секој месец тие ќе се обновуваат и продолжуваат. Вториот чекор кој што го нудиме е средствата кои што беа уплаќани во вториот задолжителен приватен пензиски фонд со уредба на владата да бидат пренаменети и наместо во вториот задолжителен приватен пензиски фонд да бидат од први април да бидат уплаќани во државниот задолжителен пензиски фонд. На тој начин ќе се обезбедат дополнителни 10 милијарди денари кои што ќе гарантираат стабилна, сигурна и навремена исплата на пензиите на пензионерите. Еве начин како да обезбедиме дополнителни 35, 36 милијарди денари заедно со оние 600 милиони евра ќе значи сигурно, надежно и безбедно пребродување на оваа криза“, истакна денеска Мицкоски.