Официјалните мерења покажуваат постојан тренд на зголемување на отпадот во земјава. Само за четири години комуналниот отпад е зголемен за 90.000 тони. Најголем „произведувач“ на отпад е Скопскиот регион, а најмало количество на создаден комунален отпад има во Југоисточниот регион, пишува неделната анализа на Порталб.
Најновото истражување на Заводот за статистика посветено на состојбите со животната средина покажува дека на територијата на целата држава има 45 официјални депонии и уште 1.000 диви, нерегистрирани но активни депонии на кои секојдневно се трупа ѓубре.
Секој граѓанин во земјава дневно создава по 1,13 килограми отпад или 412 килограми годишно. Најновото истражување на Заводот за статистика посветено на состојбите со животната среднина, а со кое е опафатен дури и период од 2011 година па наваму, покажува дека на територијата на целата држава лани биле создадени 854 865 тони отпад, од нив 625 386 тони се собран комунален отпад
„Најголемо количество комунален отпад е собрано во Скопскиот регион, а најмало количество во Југоисточниот регион. Иста е состојбата и со количеството на создаден комунален отпад“, се наведува во истражувањето кое покажува и дека даноците за загадување имаат и најмал удел во вкупните даноци што се плаќаат по различни основи за животна средина.
„Во 2017 година, најголемо е учеството на даноците за енергенти со 64,4 %, потоа учеството на даноците за транспорт со 34,7 % и најмало е учеството на даноците за загадување со 0,9 %“.
Од 2014 година до 2018 година, количеството на создаден комунален отпад е во постојан раст. Во 2014 та биле регистрирани 765 156 тони комунален отпад, четири години подоцна ова количество на отпад се зголемило за скоро 90.000 тони.
Создаден комунален отпад во 2014 година 765.156 тони, во 2015 – 786 182 тони, во 2016 – 796 585 тони, во 2017 – 786 881 тони и во 2018 година 854 865 тони.
На годишно ниво расте количината на создаден отпад, сразмерно на тоа е зголемено и количеството на отпад по глава на жител, па така од 2014 година до крајот на 2018 година, годишното количество на отпад по жител се зголемило за 42 килограми.
Годишно количество на отпад по глава на жител: во 2014 година 370 тони, во 2015 година 380 тони, 2016 – 376 тони, 2017 – 379 тони и во 2018 година 412 тони отпад по жител.
Според економската дејност, најголем создавач на отпад е рударскиот сектор каде од 2014 година до 2016 година количеството на создаден отпад се зголемило за речиси 10 пати, од 75 198 тони на 700 549 тони. На второ место според количината на создаден отпад е секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација со регистриран отпад во 2016 година од 443 043 тони а на трето место е преработувачката индустрија со 215 010 тони создаден отпад. Податоците покажуваат дека скоро 96% од создадениот отпад од компаниите, односно индустриите е неопасен додека 4% се сметаат за опасен вид на отпад кој најмногу се генерира во рударството и енергетиката.
Речиси секоја општина во земјава има своја депонија. Официјалните податоци од статистичко истражување покажуваат дека на територијата на целата држава активни се 45 општински депонии, но постојат уште 1000 други диви депонии. Од вкупниот број на официјални депонии, 14 депонии се во првата група според површината – до 5000 метри квадратни.
– Особено е важно да се нагласи дека има околу 1 000 општински „диви“ депонии, особено во руралните области. Во Република Македонија, само скопската депонија „Дрисла“ исполнува минимум критериуми од стандардите на ЕУ пропишани во Директивата за депонии – наведуваат од Заводот за статистика.
Според географската положба по плански регион, податоците покажуваат дека најголем број на депонии, вкупно 9, се позиционирани во Источниот плански регион со вкупна површина од 1.206 метри квадратни.
Број на депонии според плански регион: Вардарски 8 депонии, Источен 9, Југозападен 6, Југоисточен 8, Пелагониски 7, Полошки 1, Североисточен 5 и Скопски 1 депонија.
Со годинешниот Буџет за заштита на животната средина се одвоени околу 6 милиони евра, а со новиот Буџет за 2020 година сумата значајно се зголеми, на 20 милиони евра, или само 0,5% во вкупниот буџет за реашавање на горливите проблеми со загадувањето. Алармот постојано доаѓа од невладиниот сектор и граѓанските активисти кои бараат не само значајни финансии за решавање на проблемите туку и конкретни и применливи политики. Во очекување на датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија, токму поглавјето 27 за животна среднина ќе биде едно од потешките и проблематични бидејќи земјава ќе биде соочена со обврската за исполнување на бројни еко-европски стандарди.