
Го одигравме еден од најдобрите натпревари во последно време, сигурно подобар од сите три на Европското првенство во јануари, меѓутоа проблемот е што не траеше 60 минути, па Чешка успеа да се врати и да избори неутрално реми пред реваншот во Скопје. Се виде дека Кире Лазаров ја има одлично простудирано играта на Хавиер Сабате и полетната чешка селекција, бидејќи Македонија отвори со извонредна одбрана и водство од 5-1 по 10 минути.
Чесите грешеа, Никола Митревски бранеше, а нападот одеше глатко. Најдобро функционираше комуникацијата со пикер и во овој период и до крајот на натпреварот, но јасно беше дека Чесите нема да делуваат збунети цел меч. Успеаја да се вратат, иако Македонија држеше плус 2-4 до крајот на полувремето. Филип Миркуловски погоди за 13-10 во последните секунди од него и со тој гол почна една серија, која продолжи во втрото полувреме.
Постигнавме пет невозвратени гола и дојдовме до највисоки 17-10 во 34. минута. Единствената светла точка на Чешка беше голманот Томаш Мрква, кој го задржа нивниот пад на свои плеќи, а потоа некако се почувствува заморот во нашата одбрана, па почнаа полесно да реализираат.
Фото: Спорт 1