Македонија само ќе тоне додека е на власт квислингот Заев

Драган Ковачки во јавноста е познат како врвен професионалец од областа на безбедноста, човек со исклучително богата кариера во службата, извршувајќи повеќе одговорни должности и каде доаѓа до позицијата полковник. Завршува Воена академија во Скопје, а посетувал и бројни специјализации и обуки во земјите од НАТО, во чија мисија учествувал во Ирак каде водел противтерористички тим.

При формирањето на техничката влада на почетокот од годината беше предложен од опозицијата да биде технички министер за внатрешни работи, но тоа не беше прифатено од власта, затоа што наводно станувало збор за униформирано лице. Во разговорот за НетПрес, зборува за неговите мотиви за ангажирање во политиката и за актуелните состојби во земјата.

Од крајот на минатата година Вашето име стана пошироко познато во јавноста, кога решивте на Вашата војничка кариера да ја надоврзете и политичката. Кои беа мотивите за ваквиот пресврт, и особено да се ангажирате во редовите на опозицијата?
– Мојата одлука за ангажирање во политиката дојде на понуда од страна на ВМРО-ДПМНЕ и јас тоа го прифатив од едноставна причина што состојбата во која се наоѓаше Македонија во тоа време, но и сега е критична. Се вклучувам во политиката како граѓанин што сака да помогне и воопшто не ја мешам мојата професија и мојот политички ангажман.

Можеби ќе Ви звучи како клише, но мотивот што секогаш ме водел во животот и што секогаш ми давал сила да истрајам во битките, бил Македонија. Нема поголем мотив и поголема инспирација во животот од тоа да направиш заедничко добро за тие со кои заеднички живееш, односно за својот народ и знаејќи дека токму за таквата идеја животите ги дале и македонските комити и партизани. Мојата девиза во животот е: Кога даваш за Македонија тогаш си голем, но кога земаш од неа, тогаш си мал.

Имаше критики токму на Вашиот ангажман во политиката, колку тие се оправдани? И колку веќе формираниот војнички менталитет кај Вас може да значи предност или недостиг во политичките води?
– Критиките доаѓаат од партиски структури и од лица кои се партиски инструирани. Доаѓаат од лица кои целиот свој живот го поминале на разни државни функции на грбот на граѓаните, а притоа немаат придонесено со ништо за подобрување на животот на истите тие граѓани што цел живот ги плаќаат. Згора на тоа, и крадат од граѓаните, а дефокусираат со наводни професионални принципи кои политичкиот противник требало да ги почитува.

Значи, критиките се нормална појава во политичкиот живот и јас не ги доживувам лично туку како обид да се спречи јавната мисла и искажувањето на различно мислење, што, пак, се темелни вредности на Уставот. Значи, вие може да не се согласувате со мене, но ако сакате да сте демократ, не смеете да ми го ограничите правото да го изразам своето мислење.

Сепак, кај нас демократијата е само мисловна именка и сѐ е подредено во функција на партијата на власт – СДСМ и тоа мора да се промени, односно ако сакаме европски вредности, во Македонија мора да почнеме да си ги почитуваме Уставот и законите.

Како ја оценувате моменталната политичка состојба во земјата, особено имајќи ги предвид актуелната ситуација во запрените евроинтегративните процести на земјата и инсистирањата од Софија?
-Состојбата во државата со два збора е мошне сложена и нестабилна. Македонија најверојатно нема да ги започне преговорите со ЕУ и оваа година, иако власта неколку пати се фалеше и ги лажеше граѓаните дека веќе сме добиле датум за преговори па дури и организираше прослава пред две години по тој повод.

Значи состојбата е критична и сериозна, а евроинтеграциите веќе се доведени во ќор сокак. Дури и да отпочнеме преговори со ЕУ, прашањето со македонската историја и идентитетот ќе не’ следат во текот на целиот процес.

Проблемот тука е што некој ја има кренато летвичката по тоа прашање, што решавањето на тој спор, според мене, е невозможен во оваа фаза и со овие политичари.

Да бидам поконкретен, Заев пред да биде донесен на власт, има ветено дека ќе го реши овој наметнат спор со тоа што ќе прифати буквално сѐ што ќе биде побарано од него, без разлика колкава штета ќе нанесе на македонските национални интереси и на татковината Македонија.

Секако, блокадата на евроинтегративните процеси не се должи само на спорот околу идентитетот и историјата, туку и на бизнис ветувањата што од страна на власта им биле дадени во 2016 година на некои бугарски политичари, во делот на енергетиката, телекомуникациите, банкарскиот сектор и сл.

Дополнително, споредено со сите останати на Балканот, Македонија има застрашувачки најголема стапка на смртност од КОВИД-19, што се должи на неподготвеноста на системот да одговори на првата посериозна закана. Се сеќавате дека во текот на летото власта вршеше поделба на ваучери за годишен одмор, наместо да речеме со тие пари да се инвестираше во медицински и други капацитети за справување со кризава.

Ова посебно има своја тежина затоа што самата власт најавуваше дека наесен нѐ очекува нов бран. Еве бранот е тука, а ние сме неподготвени и резултат на тоа се се’ поголем број на млади лица кои ги губат своите животи.

Колку се неспособни може да се согледа од последната Пи-Ар мерка со прогласување на кризна состојба. Прогласија кризна состојба, а не донесоа и спроведоа ниту една ефективна мерка.

Што, според Вас, е причината за оваа, како што велите, неспособност на актуелната владејачка гарнитура?
-Тоа е така затоа што  Заев е опкружен со лица кои немаат креативност, сериозност и, за жал, со лица со ограничени способности. Жално, но вистинито на власта најважна ѝ е легализацијата на марихуаната, односно монополизирање на бизнисот од страна на Заеви.

Ценам дека добар дел од вината, но и целата одговорност отпаѓа на власта на СДСМ и ДУИ. Од тоа нема амнестирање.

Дополнително, државата се владее со разврат од страна на државните функционери и крвнички се цеди од крв и последната капка на здравото ткиво. Неказнивоста е заштитен знак на оваа власт, погледнете ги само случаите со „Рекет – 1“, „Леонардо“, „Димишковски“, обуката на магариња и така можам да набројувам во недоглед. Функционерите кои го прават криминалот само се ротираат од едно на друго столче, а кривично никој не одговара речиси за ништо.

Тука, исто така, треба да се бара причината за блокадата на ЕУ-интеграциите. Значи барањата на Бугарија не се единствени, туку мислам дека некои држави имаат суштински забелешки за владеењето на правото и правната држава кои се пречка за почеток на преговори.

Земјата по долги години настојувања ги оствари стремежите да стане полноправна членка на НАТО. Имајќи предвид дека професионалното надоградување сте го минале во центрите на Алијансата, што тоа претставува за земјата?
– Членството во НАТО е стратегиска определба на ВМРО-ДПМНЕ уште од самото основање па сѐ до денес. Генерации на македонски политичари се имаат вложено во остварувањето на таа цел. Од геополитички аспект, Македонија припаѓа во орбитата на стратешкиот сојузник, односно на САД. Со членството во НАТО, Македонија ја обезбеди својата безбедност и тоа е основен предуслов за да бидеме стабилни и просперитетни.

Значи, НАТО ја даде основата, но зошто Македонија не е стабилна и зошто граѓаните не се просперитетни, оставам секој да суди сам за себе.

Некој ветуваше дека ќе облечел железни опинци за подобар живот, но не кажа за кого ќе биде тој подобар живот, за него или за народот.

Меѓутоа, дали според Вас, актуелното раководство на Министерството за одбрана прави доволно во поглед на исполнувањето на високите стандарди кои се бараат од една земја членка на најсилниот и воен и економски блок во светот?
– Не. Раководството на Министерството за одбрана нема никаква допирна точка со реалноста и е посветено исклучиво на себепромоција и евтин Пи-Ар. Не се направени законските измени што беа потребни да се направат за да се даде слобода во менаџирањето, а стратегиските документи што се изработени и беа презентирани во јавноста, се со големи пропусти.

Паметете ми го зборот дека ќе ни биде наложено истите да доживеат промени, и тоа најитно уште во првата половина на идната година.

Друг сегмент каде треба итно да се интервенира е неодговорното однесување во делот на набавките и трошењето на народните пари. За жал, народните пари заминуваат во странски фирми на не-НАТО членка, но се чини и на друго место. Набавките се широка тема за дискусија, но во овој момент не би одел подалеку од кажаното. Зошто е тоа така, оставам на јавноста да суди.

Како ја оценувате состојбата во Армијата на Македонија, дали се води доволно грижа за војниците? Нејзините припадници реагираа неодамна со Отворено писмо преку јавноста во врска со разговорите со Бугарија…
– Ви благодарам на прашањето, но не можам да ценам состојба во АРМ и за тоа нешто треба да побарате одговор од надлежните во Генералштабот.

Исто така, поврзано со писмото од припадници на АРМ што кружи во јавноста, не би сакал да се произнесувам и повторно би Ве упатил на адреса на Генералштабот. Не би сакал да коментирам состојби во Армијата.

СДСМ веќе двапати конкретно реагираше на Вашите именувања, првпат кога актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски го поништи указот на неговиот претходник Ѓорѓе Иванов со кој бевте промовиран во командант на ПМБ, а вториот пат кога ВМРО-ДПМНЕ Ве предложи за технички министер во МВР пред парламентарните предвремени избори. Имате ли чувство дека станува збор за личен анимозитет во владејачката партија кон Вас, и на што би се должело според тоа?
– Па не би сакал да е така, но очигледно е дека со постапките на гореспоменатите, се добива таков впечаток.

Заев и тие уште малку несреќни ликови околу него што сѐ уште му се лојални, ја имаат окупирано власта во апсолутна смисла на зборот и ги кршат основните човекови права. Со тој однос кон Уставните и законските одредби, не сме сериозен фактор за преговори со никој, а не, пак, со ЕУ.

Сепак, да одговорам на Вашето прашање. Тој човек што е чист, нема потреба да се плаши од ништо и може мирно да спие. Од друга страна, оној човек што не е чист, напаѓа со лични дискредитации и неосновано. Тука некаде лежи одговорот на Вашето прашање.

Како ја гледата иднината на Македонија?
– Ќе бидам краток: Додека е оваа власт предводена од квнслингот Заев, Македонија ќе продолжи да тоне. Македонија е доведена пред колапс токму поради Заев и антимакедонската клика околу него. И кога зборувам за антимакедонштина, тука не мислам само тесно етнички.

Заев мора да замине, а Македонија од оваа состојба мора да ја извлечат експерти. Секој ден плус за Заев е минус за Македонија и на нејзините граѓани.